Gratis Joomla Templates by Hostmonster Coupon

Црква Свети Никола село Градешница

Sv Nikola Gradesnica

Кон крајот на XVIII и почетокот XIX век, во Турската империја се случуваат крупни општественo-политички и економски промени како резултат на воените порази што ја доведуваат земјата во економска и политичка зависност во однос на европските земји.

Во тој период Македонија  сеуште била составен дел на пространиот Румелиски елает, со центар во Софија, кој наскоро заради военостратешки и политички причини бил пренесен во Битола.
Со Едренскиот мир во 1828 и Договорот меѓу Русија и Турција во 1830 година на христијанскиот свет под турска окупација му се одобруваат поголеми повластици. Со објавувањето на највисокиот турски државен декрет Ѓулахански хатишериф 1839 се проклмира првпат од султанот Абдул Меџит, полна рамноправност пред законот на сите граѓани без разлика на вероисповест, народност и социјална положба. Овие реформи отвораат еден траен процес на политички, социјално-економски и културни движења и во тој контекст, нов општествен подем.
Влијанието на општествените односи ќе се почувствува врз најшироки основи, на духовен, културно-просветен и уметнички план. Со укинувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија, Цариградската патријаршија станува спроводник на грчкото влијаније, а Бугарската егзархија на бугарското, подоцна и Српската, застанувајќи против иницијативите на македонското населениео во поглед на неговото економско и културно издигнување. Но и покрај се во Македонија во деветнаесетиот век, се случува таканаречениот Преродбенски период која сеуште се наоѓа во рамките на Османлиска Турција, но зафатена и од еден поширок процес – Индустриската револуција што се случува во Европа. Во Преродбенскиот период започнува засилена активност на возобновување на црквите и манастирите во Македонија. Се интензивизира и градежната дејност за потребите на христијанското население.
Архитектурата, сликарството, копаничарството, започнуваат во целост да ја манифестираат психолошката карактеристика на времето и новиот живот, а нејзиниот израз, духовната атмосфера на епохата. Со засиленото економско зајакнување на македонскиот елемент започнала и изградбата на пошироки и повисоки религиозни објекти – цркви од солиден материјал. Започнуваат да се градат во еден препознатлив архитектонски тип за XIX век, со просторна базиликална диспозиција, при што претставуваат висок технички дострел за периодот кога се подигнати.
Селото Градешница ја продолжува својата градителска традиција и во периодот на XIX век. Во тој период во селото Градешница изграден е еден таков религиозен објект во центарот на селото.
Тоа е  црквата Свети Никола,  за што дознаваме од ктиторскиот натпис, дека храмот бил подигнат во 1862 година. Дваесетина години подоцна, црквата била живописана.
Во 1918 година, за време на Првата светска војна црквата претрпела поголеми разурнувања. Постојат некои тези дека деветанесетовековната црква е изградена на темелите на постара. Како би се потврдило или отфрлило ова тврдење, потребно е да се извршат пообемни истражувања  вклучувајки ги и археолошките. Но, со сигурност се знае дека црквата како и многу други објекти во селото  претрпеле големи штети во тек на Првата Световна Војна, односно во 1918 година. Поради тоа биле извршени поправки врз архитектурата во 1923, а ѕидното сликарство било обновено во 1927 година, кај горните зони на страничните кораби и централниот кораб. Овие оштетени површини биле повторно осликани од страна на Коста Николиќ со неговите синови Јаким и Теодосија, по потекло од Лазарополе, за време на Митрополитот Јосиф од Битола. Во поново време вршени се дополнителни поправки на покривот и тремовите на западната и на јужната страна на црквата.
Во периодот од 1881 до 1893 година, дебарските зографи, ученици и следбеници на Дичо Зограф, предводени од неговиот син Аврам, ќе насликаат неколку преродбенички цркви во Мариово, во чија сликарска програма свое место ќе најде и заедничката композиција со ликовите на св. Кирил и св. Методиј.
Иако потписот на Аврам Дичов го среќаваме единствено во манастирската црква Св. Илија во селото Мелница, чии фрески се датираат во 1881 година, на оваа зографска тајфа можат да и се припишат уште неколку живописани цркви во Мариово. Меѓу генерацијата зографи, ученици и следбеници на Дичо Зограф, во чија сликарската програма свое место ќе најдат и ликовите на св. Кирил
и св. Методиј, се браќата Јосиф и Јаков Радевич, кои потекнуваат од мијачкото село Лазарополе, од родот Мажовски. Нивната зографска дејност особено е плодна во последната четвртина на XIX век, во регионот на југозападна и северна Македонија. За осликувањето на црквата Свети Никола во село Градешница многу поверојатно е дека била ангажирана зографската тајфа на браќата Јосиф и Јаков Радевич.
Црквата Свети Никола е изгрaдена од камен во комбинација со варов малтер. Истата е со димензии од 18,60 х 12 м. и висина од 7,87 м. Градбата на црквата е од типот на базилики или таканаречени псевдобазилики кои се карактеристични за Преродбенскиот период во Македонија. Од јужната страна видливи се оградните ѕидови изѕидани од камен, каде е поставена главната влезна дрвена порта. Десно од неа, поставена е чешма. На западната страна на црквата е влезот преку кој се влегува во нартексот, а на јужната страна постои уште еден влез преку кој се влегува во наосот на црквата. Од  северозападната страна на западниот ѕид над нартексот изведена е спратна галерија до која се стигнува со дрвени скали. Галеријата над нартексот е со правоаголна основа,  према наосот е затворена, односно заградена со ограда  висока до 1м.
 Наосот на црквата е поделен на три брода изведена со две колонади од по пет столбови. Столбовите завршуваат со капители над кои се изѕидани лакови и ја делат равната таваница на травеи. На ѕидните површини над лаците насликани се и на север и на југ Старозаветните Пророци. Средниот травеј е највисок. Централниот и страничните травеи, обоени се со светлосина боја, како имитација на небо и на површината кај централниот травеј, насликани се златни ѕвезди.  Во центарот на средишниот травеј аплицирано е платно со претставата на Исус Христос Седржител.
На јужниот ѕид од црквата се наоѓа главниот влез во наосот. Над вратата постои вдлабена полукружна ниша со насликана допојасна претстава на свети Никола Чудотворец. Од западната страна се наоѓа друг влез во црквата со вдлабена полукружна ниша над вратата. Во нишата насликана е допојасна претстава на свети Атанасие. Веројатно патрон на постарата црква бил свети Атанасие.  На исток е обликуван олтарниот простор со централна апсида, која е полукружна од внатрешната, а седмострана од надворешната страна. Од  двете страни на апсидата изведени се две полукружни ниши, со полукружни основи.
На западната и на јужната страна изградени се тремови, а покривот на црквата е на две води, обложен со црвени герамиди, додека апсидата е покриена со камени тенки полочи од шкрилец. Фасадата на црквата обработена е со дерсована фуга. Градежниот материјал за нејзината изградба е претежно камен за ѕидните површини поврзан со малтер и дрво за кровната конструкција. Камбанаријата е во близина на црквата, односно прилепена е за јужниот трем. Покрај северниот и јужниот ѕид во наосот поставени се дрвени седишта за верниците, но и во меѓупросторот на колонадите на север и југ.

sv-nikolaj-gradesnica-03
Ниша над влезот од западната страна со претстава на свети Атанасие

sv-nikolaj-gradesnica-04

Ниша над влезот од јужната страна со претстава на свети Никола

Кон источната страна поставен е дрвениот висок иконостас украсен со икони. Помеѓу колонадата на југ поставен е владичиниот престол изработен од дрво и насликан со цветни мотиви, а во внатрешноста поставена е икона на Исус Христос на престол. Помеѓу колонадата на север поставен е амвонот кој е насликан со цветни мотиви. Столбовите и капителите обоени се со бела варова боја, а потоа декорирани со мотиви од винова лоза и гроздови, но и цветни аранжмани. Иконостасот кој го одвојува просторот на наосот од олтарниот простор е украсен со икони и кај поедини полиња насликан претежно со флорални мотиви во таканаречениот локален барок. Во долната зона на иконостасот централно поставени се царските двери со претставата на Благовештение, а лево и десно распоредени се по четири китабиња врз кои се насликани вазни со цветни букети. Во првата зона и зоната каде се поставени престолните икони се наоѓа врата што води кон протезисот на која е насликан Архангелот Михаил, а на вратата што води кон ѓакониконот насликан е Свети Спиридон. Престолните икони во втората зона се со голема димензија и наредени се од севeр кон југ по следниот редослед: света Недела, свети Три хиерарси, свети Никола, Богородица со Исус Христос, Исус Христос Седржител, свети Јован Претеча и други светители. Кај третата зона поставени се икони од помал формат каде во средината е поставена варијанта на Деизис со поединечни икони на Исус Христос, Пресвета  Богородица и свети Јован Претеча. Кон југ и кон север вдолж ширирната на иконостасот поставени се 12 апостолски икони. Централно на врвот на иконостасот поставен е таканаречен Голем крст или Змиски крст, на постоље од две ламји и две помали пропратни икони. Иконостасот на дрвените столбчиња, агли,  декориран е со цветни мотиви, а хоризонталната штица помеѓу престолните и апостолските икони, декорирана е со гранчиња од винова лоза и гроздови кои ритмички се повторуваат. Иконите на иконостасот со голема веројатност можеме да му ги припишиме на тајфата на браќата Јосиф и Јаков Радевич. Сигнатурите се испишани на словенски јазик. Кај колоритот при декорирањето на ѕидните површини и иконописот на деветнаесетовековните храмови преовладува претежно светол колорит, а започнува и минимален продир на академскиот реализам, со напуштање на вековната техника и технологија на византискиот начин на зографисување.
sv-nikolaj-gradesnica-05
Изглед на внатрешноста на црквата кон исток

sv-nikolaj-gradesnica-06

Изглед на внатрешноста на црквата кон запад

Заради просторноста на црквата иконографската програма распоредена е на класичен начин, со додатоци на композиции што се типични за периодот на XIX век.  Црквата е осликана во олтарниот простор, на северниот и јужниот ѕид од наосот, на ѕидните површини кај тремовите и на површините од формираните лаци на колонадата од столбови во наосот. Насликани се претстави и композиции претежно од Новиот Завет, Стариот завет, Празниците и Страдањата Христови, свети воини, маченици и сл. Во олтарниот простор во апсидата насликана е Богородица Оранта и Исус Христос Емануил поставен во кружна мандорла на градите на Богородица. Над оваа сцена постои натпис за времето на осликување на црквата, односно 1889 година.

sv-nikolaj-gradesnica-07

Годината на првото живописување на црквата во централната апсида на олтарниот простор

Во долната зона претставена е композицијата Поклонувањето на светите архиереи, а во продолжение на север и на југ на источниот ѕид претставени се Светите ѓакони Стефан, Роман Мелод и Кирил и други светители. Во олтарниот простор претставени се Светите Безсребреници Кузман и Дамјан, свети Амнос, свети Пантелејмон,  и композиции во горните зони од животот на Богородица и Света Новозаветна Троица.
На северниот ѕид од наосот  на поголем дел од ѕидната површина насликана е композицијата Исус Христос Праведен судија, а во продолжение кон исток насликани се композиции од животот на Исус Христос во втората и третата зона, а во првата зона е поставена композицијата каде се претставени св. Кирил и св. Методиј. Даденото  иконографско решение во кое Исус Христос ги благословува Солунските браќа го среќаваме не само во живописот на црквата  Св. Никола во с. Градешница туку и во црквата Св. Петка во с. Живово.
Во живописот на оваа преродбеничка црква, заедничката претстава на Солунските браќа св. Кирил и св. Методиј насликани се во архијерејска одежда, со митра на главата. Прикажан како средовечен човек со темна коса и брада, св.Кирил со десната рака држи архијерејски жезол, а со левата, на градите држи отворено Евангелие на кое со словенски букви е испишан текстот: слово Христово.... Св. Методиј е старец со бела коса ибрада, со крст во десната, високо подигната рака исвиток со азбука во левата. Над Солунските браќа е насликан Исус Христос кој ги благословува со двете раце.  Како предлошка за вообличување на оваа претстава на Солунските браќа, се чини дека послужила една боена литографија изработена во Виена во 1864 година, по порачка на Христо Данов, а отпечатена од виенскиот мајстор Обенхајнер. Оваа предлошка најнапред ја користел Дичо зограф при осликувањето на икона каде се претставени првословенските учители.
sv-nikolaj-gradesnica-08
Изглед на живописот кон северната страна на наосот

sv-nikolaj-gradesnica-09

Сесловенските првоучители свети Кирил и свети Методи претставени во втората зона  на северниот ѕид од наосот

Од јужнатата страна на наосот  во првата зона претставени се свети воини и други светители и маченици во цел раст. Почнувајки од исток кон запад со сцената на свети Димитрие на коњ, свети Константин и Елена,  свети воини: свети Нестор, свети Теодор Тирон и Стратилат, свети Мина, свети Меркурие, Архангел Гаврил, Архангел Михаил, свети Христофор, свети Прокопие, свети Ѓорѓи Димовски. Во втората зона од исток кон запад претставени се свети Трифун и над него свети Симеон Мироточник, сцената со српскиот архиепископ свети Сава и веројатно свети Никола, сцената Преображение Христово, света Катерина и света Варвара.

sv-nikolaj-gradesnica-10

Изглед на живописот кон јужниот ѕид во наосот

sv-nikolaj-gradesnica-11     
Свети Ѓорѓи Димовски, локален маченик, во првата зона на јужниот ѕид од наосот

На западниот ѕид во горната зона насликана е композицијата Тајната вечера.
 sv-nikolaj-gradesnica-12

Изглед на живописот кон западниот ѕид во наосот
 
На јужниот ѕид кај спратната галерија насликани се светите маченици Евгенија и Теодора, на западниот ѕид Старозаветни сцени и сцени од Пеколот.
Црквата Свети Никола во село Градешница – Мариово по својата архитектура и сликарска програма претставува типичен примерок на деветнаесетовековните, преродбенски, религиозни објекти на територијата на Република Македонија.

Текст: Оливера Макриевска
НУ Завод и Музеј Битола

made with love from Joomla.it

Мапа на цркви и манастири

made with love from Joomla.it