Мариово - предание за настанок на името

Категорија: Преданија - Legends - Μύθος

Во времето на заробувањето на Македонија од Турците, еден паша шетал низ сите села низ Мариово, како се сметаат дваесет и пет села мариовски. Дошол до селото Вепрчани.

Бил распореден кај еден најбогат човек во селото. Имал тој ќерка. На пашата ногу му се бендисала ќерката на газдата и му предложи да му ја даде за жена. Татко и на девојката се бранил, дека е тој рисјанин а овој е друга вера.
Пашата:
- Ако не можиш милом ќе биде силом, ке ти ја земам девојката! Тогај таа го предоитрила пашата:
- Ако направиш едно добро за ова наше место, ќе те земам јас!
- Што сакаш? - рече пашата. - Јас ќе направам, само да дојдиш со мене. Е што сакаш?
Сакам од местото Полошки манастир, Селечка Планина до селото Брод -битолско, планината Ниџе, Козјак до кај што држе, тој предел да остане рајатско место, да не идат Турци тука.
Пашата имал голема власт и направил еден таков тестамент. Викнал адвокати (муфтсч) и го прочитале документот. Девојката морала да тргне за пашата. Тргнале со пратњата што а водил тој. Тој водил војска и тргнале да одат према Прилеп, према селото Дуње. Девојката се подготвила уште не кинисана. Си наострила еден нож, ние мариовците го викаме кркле, што и стрижиме овците. Тоа е најостро оружје кое што се наоѓа, си го зема скришум. Адетот на Турчинот му бил да ја качи на коњот зад него. Тргнале према селото Дуње, тоа е место наугорница и кога дошло веќе да излезат на угорницата таја кркликот си го закачила в среде себе, си извршила самоубиство. Co удирањето со кркликот паднала од колот и Турците застанале. He знаат што да прават сега и се популиле. Таја паднала, со паѓањето од коњот уште повеќе се удрила и умрела. Да се враќа пашата, да го зема тестаментот што го дал да остане местото кое го означило од Полошкиот манастир, целата Селешка Планина, до селото Брод, Ниџе, Козјак и Железна Врата, му било срам и си и потерале коњите и избегале.
Девојката се викала Марија и по нејното име останало местото кое и денеска се вика Мариово. После отидувањето на пашата и останувањето на името Мариово останала земјата рајатска. Долго време Турците не дошле во Мариово да го наследат со чивлизи и турско население, тука управувале земски кметови. Првите земски кметови биле од селото Вепрчани, селото Манастир, Старавина и Витолишта. Тие се менувале со избори и така долго време останале, само и тие не биле многу добри и тие правеле нереди, као што и Турците правеле нереди и тие имале хареми и така натаму.

Танас Вражинoски, Македoнски нарoдни преданија, Матица македoнска Скoпје, 2009, 208.

 

Извадок од: Експертски извештај за природните /историските знаменитости во општина Новаци
Тема: ТРАДИЦИЈАТА И ЖИВОТОТ ВО МАРИОВСКИОТ ДЕЛ НА ОПШТИНА НОВАЦИ
Изработил: М-р Игор Тасевски
Април 2014