Влегувањето на турците во градот Пешта

Категорија: Преданија - Legends - Μύθος

Градот Пешта кој се наоѓа на висорамнината над Старавина, во атарот на село Градешница, бил заграден со висок ѕид од 3 метри.

Таквата тврдина не дозволувала никој да влези во неа. Така и турците дошле пред тврдината, таа била изѕидана од голем камен, а имала големи железни порти и неможеле никако да влезат во неа.

01-pesta

Почнале да бараат начин за влегување во Пешта. Почнале да анализираат што е тоа што го имаат и што им треба, односно им е неопходно на луѓето во Пешта. Она што им се чинело како неопходно е водата. Па почнале да истражуваат односно од каде доаѓа водата во Пешата. Па така почнале со истражување за водоснабдувањето на Пешта. Инаку водата била спроведена со ќунци од манастирот св. Илија. Турците фатиле еден човек во селото Градешница и барале од него да кажи од каде се снабдува градот Пешата со вода. Човекот не кажувал, тие го тепале и мачеле, а тој упорно не кажувал. Тогаш тука поминала некоја баба и ведела што се случува, па ги прашала Турците зошто го тепаат човекот. Тие и рекле дека не кажува од каде се снабдува градот Пешта со вода. Тогаш бабата им рекла: за тоа лесна работа, јас ќе ви кажам. Им кажала дека водата доаѓа од манастирот св. Илија, спроведена со ќунци. А тие прашале како да го отркијаат системот кој инаку бил маскиран покриен со земја.

02-trajko-bojkovskiБабата им рекла да земат добиток, коњ или маска, и да го остават 2-3 дена без вода. Потоа ќе го оденесете на местото каде што би требало да е системот и тој бидејќи жеден ќе ја намириса водата. Така го однесле коњот, тој ја намирисал водата и почнал да копа и го нашол системот, водата. И така пошле во тој правец и го откриле системот за водоснабдување, ја прекратиле водата, народот во Пешта не можел да изджи без вода и така се отвориле портите и влегле турците во Пешта.

Раскажувач: Бојковски Трајко 66 години од с. Градешница, запишал Игор Тасевски, јануари 2014 год.

Експертски извештај за природните /историските знаменитости во општина Новаци
Тема: ТРАДИЦИЈАТА И ЖИВОТОТ ВО МАРИОВСКИОТ ДЕЛ НА ОПШТИНА НОВАЦИ
Изработил: М-р Игор Тасевски
Април 2014