Вода од манастирот св. Илија (Брен)

Категорија: Преданија - Legends - Μύθος

Од манастирот св. Илија не треба да земаш вода за дома туку само за на терен. Интересно за овај извор е верувањето кај месното население, дека „Вода од Брен, не се носи за дома".

Така, често може да видите како месното население, се одмара во манастирот и се освежува со бистрата и лековита вода, но сепак, за дома вода никој не полни од овој извор.

09-bren
Нејкој пошле на изворот и таму переле, миеле и кога си пошле им се запалила сламата.
Некоја жена зела од водата за во корито да испери пелени, па детето починало.
Таа вода од манастирот можело да се користи само за да се измиеш раце, лице, и за пиење. Исто од тој манастир не требало да се зема ни камен ни вода. Баба Митра од манастирот во утарето си донесла камен и ноќта и се јавиле на сон и и рекле да го врати.
Сите жители на Градешница кои имале земја во околината на манастирот не ја работеле бидејќи била вакавска. Некој човек Стеван со жената, ќерката и двата сина, инаку егеец бил, се досели во Градешница после 1948 година. Тој не верувал во манастирот и легендите и одлучил да го работи местото таму. И во жетва му паднал голем град над местото и му го поништил сработеното, па и тој се откажал од работење на земјата во околината на манастирот.
Исто така постои верување дека водата со која се снабдувала тврдината Пешта, доаѓала токму од овој извор.

Раскажувач: Бојковски Трајко 66 години од с. Градешница, запишал Игор Тасевски, јануари 2014 год.

Експертски извештај за природните /историските знаменитости во општина Новаци
Тема: ТРАДИЦИЈАТА И ЖИВОТОТ ВО МАРИОВСКИОТ ДЕЛ НА ОПШТИНА НОВАЦИ
Изработил: М-р Игор Тасевски
Април 2014