Зовиќ

Категорија: Преданија - Legends - Μύθος

Село Зовиќ е лоцирано во општина Новаци, на 50 км од Битола. Во близина на селото течи Градешка Река, на која што се наоѓа едно од најубавите зданија во мариовскиот крај - Зовичкиот Мост.

12-zovik
Зовиќ се наоѓа во битолскиот дел на Мариово, а според просторот на атарот, разделена е на два дела, стара и нова населба. Така, атарот на Зовиќ I се допира со територијата на Старавина, а атарот на Зовиќ II се допира со државната гранична линија со Република Грција. Припаѓа на Општината Новаци. Селото е ридско, на надморска височина од 680 метри (се однесува за Зовиќ II). Од градот Битола населбата е оддалечена околу 52 км. Атарот на двата дела зафаќа голем простор од 22,3 км2.
Во минатото името на селото било Б'зовиќ, затоа што на неговата територија особено е распространето лековитото растение "бозел". Во селото има околу 30-40 домаќинства. Населението што живее во него претежно се занимава со сточарство и земјоделие.
Селото Зовиќ спаѓа меѓу најживописните села во Мариово. Во близина на селото тече реката Градешка, која извира кај планината Ниџе, a се влива најнапред во реката Сатока, а потоа во Црна река. Градешка река течејќи по своето камено корито има оформено клисура со необична убавина.
Од се што се раскажува за и околу Зовиќ највпечатлива е приказната за мостот на Градешка Река.
Камениот мост се наоѓа во непосредна близина на селото. Неговата намена била премостување на Градешка Река. Изграден бил заради комуникација на населението со населените териториите од другата страна на реката, односно со мариовските села Старавина, Градешница, Бешиште и Полчиште. Во средновековниот период на местото на камениот мост постоел веројатно дрвен, кој по кажување на жители од селото, бил срушен кога во една прилика при транспорт бил преоптоварен.

Експертски извештај за природните /историските знаменитости во општина Новаци
Тема: ТРАДИЦИЈАТА И ЖИВОТОТ ВО МАРИОВСКИОТ ДЕЛ НА ОПШТИНА НОВАЦИ
Изработил: М-р Игор Тасевски
Април 2014