Камен мост во село Зовиќ

Категорија: Туристички дестинации - Tourist destinations
Most s. Zovik

Селото Зовиќ спаѓа меѓу најживописните села во Мариово. Во близина на селото тече реката Градешка, која извира кај планината Ниџе, а се влива најнапред во реката Сатока, а потоа  во Црна река.

Градешка река  течејќи по своето камено корито има оформено клисура со необична убавина.

most-s-zovik-02

Во минатото името на селото било Б`зовиќ, затоа што на неговата територија особено е распространето лековитото растение "бозел".
Во  селото има околу  30-40 домаќинства. Населението што живее во него претежно се занимава со сточарство и земјоделие.
Селото Зовиќ припаѓа во битолскиот дел на Мариово, а според просторот на атарот, разделено е на два дела, стара и нова населба.
Така, атарот на Зовиќ I е на денешната локација на која постои селото, а атарот на Зовиќ II се допира со државната гранична линија со Република Грција.
Селото е претежно ридско и е на надморска височина од 680 метри. Од градот Битола е оддалечено околу 52 км. Позначајни цркви се Свети Никола и Свети Атанасиј Велики.
На Градешката Река, се наоѓа една прекрасна камена градба- Зовичкиот Мост.
Камениот мост се наоѓа во непосредна близина на селото. Неговата намена била премостување на Градешка Река. Изграден бил заради комуникација на населението со населените териториите од другата страна на реката, односно со мариовските села Бешиште и Полчиште.
most-s-zovik-05 01
Мостот во 80-тите години на XX век. фото: Благоја Стојановски

most-s-zovik-07

most-s-zovik-06

Мостот и воденицата пред реконструкцијата

Во средновековниот период на местото на камениот мост постоел веројатно дрвен, кој по кажување на жители од селото, бил срушен кога во една прилика при транспорт бил преоптоварен.  
Дури во 1955/6 година Majсторот Ѓуладин или Џуладин од село Лабуништа, струшко и Трајко Секирков повторно го изградиле со залагање на месното население и колективите. Непосредно кај приодот кон  мостот на една висока карпа е насликан светецот Свети Ѓорѓи, кој е еден вид на остаток од црквичето кое во минатото постоело таму. Живописот датира од поново време, односно од 1925 година која е испишана заедно со имињата на дарителите.

most-s-zovik-04

Живопис со приказ на свети Ѓорѓи

Живописот со приказот на свети Ѓорѓи сместен е во правоаголна насликана рамка која во горниот дел завршува лачно. Рамката е насликана лента од три линии; во средината црвена која е најширока и е ограничена со потенка бела лента од внатрешната и црна од надворешната страна. Централно поставена е фигурата на свети Ѓорѓи на бел коњ и со развиорена црвена наметка како го убива аждерот. Фонот е обоен со светлосина боја. Во долниот дел на фонот претставен е карпест пејсаж. Во горниот дел на фонот со црковно словенски испишана е со бела боја кратенка од името на светецот-  Велико Маченик и цело име Ѓеорѓи. Живописот на карпата е реставриран  во 2006 година од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Битола.

Мостот се вбројува меѓу најубавите архитектонски творевини во Мариово. Изграден е од камен, односно делкани и приделкани камени блокови. Има лачна форма и прилагоден е на конфигурацијата на теренот.  Во долниот дел во непосредна близина на реката од страната на селото Зовиќ изградена е Воденица, која населението ја користело за мелење на житарици. Воденицата е изградена од камен и била покриена со камени плочи.
Заради целокупна атрактивност и вонвременската импресија што ја остава селото, истото станало и сега е инспирација и предмет на интерес за многумина уметници, биолози, етнолози, геолози  и многу други професии.

Во 2014 година мостот е поправен и обновен од страна на Општина Новаци.

most-s-zovik-05

made with love from Joomla.it