Gratis Joomla Templates by Hostmonster Coupon

Оливера Макриевска - Експертски извештај за историските знаменитости во Општина Новаци

Мариовскиот регион претставува природна целина, претежно ридско планински предел,  што приближно го  зафаќа  јужниот и дел од централниот дел од територијата на Република Македонија.

Регионот е обиколен со планинските масиви на Ниџе и Кожуф од јужната страна, од западната со Селечка Планина, од северната со  Козјак,  Дрен Планина и дел од Кожуф Планина. Рељефот на регионот е прошаран со три поголеми реки како: средното течение на  Реката Црна, Градешка Река и Бела Река. Низ целата област на Мариово  протекува Црна Река каде што се наоѓа и најдолгата клисура во Република Македонија – Скочивирската Клисура која плени со својата исклучителна убавина.
 Мариово се дели на Мало Ново, кое е распространето на левата страна од Црна Река и Големо Старо Мариово , кое  е распространето на  десната страна од реката. 
Поволната местоположба, природните богатства (енергетски извори, шуми, метали, неметали - лигнит, никел, антимон, хром, перлит, азбест, фелдспати, кварц, гранит вулкански туф и сл.), како и поволната клима (медитеранска, умерено континентална и континентална) овозможувале и перспективно ќе овозможуваат иден развој на регионот.
Заради својата географска особеност Мариово  е засолнато и одвоено од соседните области поради големите гранични планински масиви и сосема слабите сообраќајни врски. Оваа природна автономност  од една страна е добра, особено во минатото  зошто останало  надвор од туѓите влијанија и наметнувања, но од друга страна ваквата изолација придонесе денес  регионот да биде само еден редок непродуктивен еколошки регион. 
Мариовскиот регион некогаш броел дури повеќе од четириесет населби од кои денес  неколку не постојат, како: Костеново,  Пешта , Гудјаково,  Клиново,  'Ржаново,   Лисец, Туманово, Сатока, Лешница, Трново,  Црничани, Мелница, Петалино, Калиште и Врпско. Денес  сеуште постојат  населби, но  со минимален број на жители. Некои од нив бројат и до 1 жител , како што доскоро беше селото Брник.
Населени села во Мариово се: Градешница, Брник Витолиште, Полчиште,  Кокре, Ивени,  Рапеш, Орле, Груниште, Рожден, Галиште,  Мајдан, Вепрчани, Бешиште, Живојно, Маково, Старавина,  Дуње, Кален,  Крушевица, Манастир, Пештани, Чаниште, Будимирци и Зовиќ. Погоре наброените села припаѓаат на трите етногеографски целини, Битолското, Тиквешкото и Прилепското Мариово.
Административно Мариово припаѓа под трите општини: Новаци,  Кавадарци и Прилеп.
Во многу легенди името на областа Мариово  се среќава како Морихово, Морина, Мерихова, Марина и сл. Позната е легендата за Марија која прифатила да живее кај бегот, под услов да не се исламизира нејзиниот крај, кој во нејзин спомен го добива и модифицираното име.
Организираниот живот во Мариово се одвивал во континуитет, започнувајки од предисторискиот период  се до денес.
За тоа ни  сведочат бројните фрагменти од ќерамички садови од предисторискиот период, камените петрографски споменици со врежани симболи, бројните антички археолошки наоди од предримскиот период, доцноантички и римски локалитети со зачувани архитектонски остатоци и други ископани наоди, рановизантиски сакрални архитектонски остатоци, доцновизантиски сакрални архитектонски остатоци ( цркви, манастири, фрескоживопис), преродбенски цркви, манастири, фрескоживопис и иконопис и цркви од понов период односно XX и XXI век.
Во античкиот период просторот на областа Мариово припаѓал во македонската област Пелагонија, односно  на овој простор се наоѓало кралството на Пелагонците. Постојат податоци од извршените истражувања дека Мариово било населено со население од илирско и тракиско потекло, коешто подоцна се асимилирало со миграцијата  на јужнословенските брсјачки племиња.
За средновековниот период не постојат доволно изворни податоци. Мариово се споменува во Првата грамота издадена од визнтискиот цар Василие II во 1019 година, а се однесува на Охридската архиепископија. Тука Мариово се споменува, заедно со  Меглен, Просек, Сетина и Остров. Мариово подоцна, некаде во XIV век се споменува во Повелбата на српскиот цар Стефан Урош, а во периодот под турската окупација се споменува во пописните турски дефтери на населението во Мариовската нахија.
Низ историјата Мариово изменило повеќе господари (Византија, Бугарија, Србија, Турција) заради својата гравитација кон битолската, прилепската и тиквешката  област, но тоа било повеќе формално заради неговата природна географска автономност.
Така на пример во периодот на турската окупација Мариово имало специјален статус , на автономна покраина „хас“. Оваа автономност резултирала, чисто и компактно словенско подрачје со незначителни културни и други влијанија, заради што задржани се  старите словенски имиња на разните месности.
И покрај споменатата изолација во историјата на  Мариовскиот регион забележани се настаните како: двете мариовски буни, првата  во 1564/65 година, а втората во 1688/89 година. Забележано е и учеството  на мариовското население  во Илинденското востание во 1903 година, додека за време на Првата светска војна, односно во  септември 1918 година војските на централните сили на линијата на Македонскиот фронт ги држеле позициите на овој простор  источно од селото Старавина  и  селото Зовиќ.
Со тек на времето, особено по пропаста на турското царство, потоа балканските војни и Првата светска војна се случува стопанска стагнација во регионот. По завршувањето  на Вторта светска војна  започнува засилена миграција  на мариовското население во градовите и рамничарските краишта и надвор од Македонија. Денес  Мариовскиот регион претставува  ретко населено подрачје.
Мариово е особено и по своите фолклорни и етнолошки карактеристики кои треба да се негуваат и зачуват. Она што особено плени и предизвикува возвишени чувства кај овој крај е симбиозата меѓу човекот и околната природа. Кај многу рурални подрачја во Р. Македонија тоа може да се забележи, бидејки тоа е и типична одлика на нашата традиционална архитектура. Исклучителната хармонија во овој регион се должи на природната геоморфологија на теренот,  што била инспирација за нашиот човек  користејќи ги природните материјали од околината која го опкружува. Така создадени се прекрасните мариовски населби со живеалишта изградени од камен, дрво, кал, прачки, слама и сл., многубројните цркви и манастири, воденици, амбари , трла, племни. Како и да е, Мариово заслужува афирмација, развој и ревитализација на просторот  со создавање на поволни општествено -економски услови во иднина.
На територијата на регионот се уште постојат  голем број на цркви и манастири кои датираат од раниот и подоцнежниот среден век, цркви и манастири од понов период ( XIX и XX) век, како и остатоци од античкиот период. Утврдени се  голем број на археолошки локалитети од античкиот и доцноантичкиот  период како локалитетите: „Пешта“ помеѓу Старавина и Градешница, „ Градок“ во близина на Расим Бегов мост, „Заградишка чука“ северно од селото Витолиште, „Градец“ во близина на селото Манстир, „ Тумба Чебрен“ североисточно од манстирскиот комплекс Чебрен, „Садеви“ кај некогашното село Мелница.   Меѓу многубројните цркви и манастири со различна датација најпознати се : Чебренскиот манастир со црквата посветена на Свети Димитрие, кој поседувал и ќелијно училиште каде се учело на  старословенски јазик, потоа  црквата Свети Спас 14 век, манастирската црква Свети Атанасиј, во селото Градешница, црквата Свети Димитрие14 -15 век,   црквата  Свети Илија (1872), во селото Манстир црквата Свети Никола (1266), во селото  Кокре црквата Свети Дух, во селото  Дуње црквата  Св. Димитрија. Во ова село уште во 1880 г. имало и училиште. Во селото Пештани, црквата Св. Ѓорѓија, во селото Вепрчани, црквата Св. Спас,  во селото Крушевица црквата Св. Арханѓел, во селото Полчиште црквата Св. Спас  (1892 год.), во селото  Бешиште  црквите Св. Илија и Света Петка, во селото Живојно црквите  Св. Петка и Св. Илија, во селото  Врпско, црквата  Св. Арханѓел и многу други.

Цел на истражувањето
Во рамките на овој научен труд претставени се редоследно следните културно историски знаменитости на територијата на Општина Новаци:
1.1 Манастирски комплекс ЧЕБРЕН (ЧЕМРЕН)
1.2 Камен мост во село Зовиќ
1.3 Куќата на Калеш Анѓа во село Старавина
1.4 Црква Свети Димитрие во село Градешница
1.5 Црква Свети Никола село Градешница