Културно историски туризам во Општина Новаци (Историска патека)

Категорија: Култура - Culture

Откријте ги знаменитостите со културно историско значење во Општина Новаци. Посетете ги локациите обележани на мапата и добро проучете ја трасата пред да го започнете на Вашето патување.

1. Општина Новаци

Почетна точка на оваа траса  е административната зграда на Општина Новаци лоцирана на 9.6 км од Битола. Тука можете да добиете и дополнителни информации во однос на местата кои планирате да ги посетите а и состојбата на патиштата.

novaci

2. Суводолско Езеро

Формирано за потребите на РЕК Битола вештачкото езеро Суводол е една од почесто посетуваните локации од излетниците, планинарите и рибарите.
Оддалечено 9.3 км од Новаци, ова езеро претставува одлична локација за одмор и рекреација.

suvodol-03

3. Село Маково

Сместено на 19.3 км од Новаци, село Маково претставува влезна порта на јужно Мариово. Подигнато е на 850 м.н.в. поради што има остри зими и свеж воздух. Маково е ојконим изведено од хипокористикот Мако. Во 1568 живееле 160 жители. Во Првата светска војна селото многу настрадало.  Во Маково постои храмот Собор на св. Архангел Михаил, изграден 1860 г. во Првата светска војна до темел срушен, а во 1926 подигнат со името Св. Воскресение.
Маковци го слават Велигден.
Манастирот Св. преп. Петка, подигнат и осветен во 2002 година. Се празнува на Петковден.

makovo-01

4. Рапешко Езеро

Оддалечено 22.5 км од Новаци  (32 км од Битола), вештачкото езеро во село Рапеш претставува пријатна глетка за посетителите на овие краеви и вистинско освежување во овој релативно сув регион. Формирано за потребите на сточарите во село Рапеш, ова езеро нуди навистина пријатна локација за одмор и рекреација.

rapesko-ezero

5. Село Рапеш

Село Рапеш е стара мариовска населба. Ојконимот е изведен од Рапол, а тој од Харалампиј или од Рахослав. Во пописните турски дефтери од XV в. се споменува село со 65 жители.
Рапеш е сместено на источната падина на Селечка Планина на н. в. од 700 м. Слава на селото е Спасовден. Храм Св. препод Параскева и Св. вмч.Димитриј. За двата светци подигнат еден храм.
Најпрво изграден некаде кон 1860 г. од камен, со влез од јужната и западната страна, декориран со фрески и икони. Во 1918 гранатиран и разурнат. По војната, во 1919 г. избеганите рапевци се вратиле на своите огништа и го обновиле.
Село Рапеш е лоцирано на 24 км од Новаци.

rapes-01

6. Кањонот на Црна Река

Во близина на местото викано „Јасиките“  регионалниот пат Рапеш – Градешница влегува во кањонот на Црна Река. На ова место завршува и асфалтниот и започнува макадамски пат кој е во релативно добра состојба и по него можат да се движат и лесни коли.

kanjon-crna-reka

7. Рапешки мост

Лоциран на Црна Река на 29 км од Новаци, Рапешкиот мост претставува влез во т.н. Старо Мариово.  На ова место често можат да се видат рибари кои ловат по Црна Река, а воедно тоа е и местото најчесто користено за починка од патниците кои патуваат до селата Зовиќ, Брник, Будимирци, Старавина и Градешница.

crna-reka

8. Пат за село Зовиќ и Чебренски манастир

Делницата за патот до с. Зовиќ е на 35.5 км од Новаци. Од ова место почнува асфалтиран пат во должина од 5 км кој води до с. Зовиќ.

9. Пат за Чебренски манастир

До Чебренскиот манастир води планински земјен пат по кој е препорачано да се вози со теренски возила. Должината на овој пат изнесува приближно 5.5 км и не се препорачува движење по него при влажни временски услови.

10. Чебренски манастир

Чебрен е  место во Мариово  со богато историско минато. Атарот на Чебрен, денес  потпаѓа под селото Зовиќ, односно Oпштина Новаци.
Според пишаните извори, градот на локалитетот „Чебрен“ кај селото Зовиќ  во средниот век се викал Чемрен. Тоа го потврдува српскиот архиепископ Данило за време на владеењето на цар Душан во неговото дело „Животи кралјева и архиепископа српских“. Покрај другите градови го споменува и градот Чебрен. Денес  тоа може да  се види по зачуваните организирани остатоци  од камен.
Градот Чемрен, според историските податоци, сè до 1331 -34 година, кога бил освоен од царот Душан, се наоѓал во рамките на Византиското царство. Со доаѓањето на Турците градот престанал да егзистира, а на неговото место останало мало селце со манастирот „Св. Димитрија“ познат и денес како „Чебрен“.
Селцето полека исчезнало, а останал само манастирот кој уште во почетокот на 18 век имал училиште за свештеници кои вршеле служба по црквите низ областа Мариово. Манастирот бил многу развиен се до првите децении на дваесетиот век.
Локалитетот „Град, Чебрен” лежи на еден издвоен вулкански куп или тумба во кањонот на реката Црна (Еригон во античко време), како и на просторот ниско крај реката јужно од тумбата некаде околу 140 м високо над самата река, недалеку и северозападно од селото Зовиќ.
На овој простор сеуште може да се видат античките, остатоците  на средновековниот манастир и на раселеното селце Чебрен. Локалниот планински пат што поаѓал од Полето на запад и ја сечел јужномориовската висорамнина, го допирал Чебрен и се качувал до пазувите на Кајмакчалан - Кожуф на исток, кон старите рудници на железо. Денес тоа е  патот Суводол — Рапеш — Манастир — Полчиште. Археолошките истражувања предводена од стручни лица на тогашниот Народен Музеј од Битола кај тумбата Чебрен го докажаа постоењето на рано античка наслеба од времето на владеењето на македонските кралеви, според откриените монети од тој период.

00-cebren-mariovo

01-cebren-mariovo

Во склоп на Манастирот Чебрен, денес функционираат храмовите

Свети Димитриј
Свети Спас

11. Село Зовиќ

Зовиќ е село во Општина Новаци кое се наоѓа на 725 метри надморска височина. Селото порано било околу 500 метри пред сегашнота локација и се викало Лениште. Меѓутоа за време турското владеење тоа било опљачкано и запалено па жителите на селото било принудени да се селат на друго место и така било населено денешното село Зовиќ.
Името на селото е добиено најверојатно по името на една чешма која се наоѓала во денешно Зовиќ, а селаните на тогашно Лениште ја викале Бзовиќ поради тоа што околу неа имало многу боз, што претставува основа на денешното име.
Во селото има две цркви и тоа: Св.Никола и Св.Атанас, но сепак Зовиќ е најпознато по мостот на Градешка Река.
Според пописот од 1953 година во Зовиќ живееле 356 жители, но денес живеат само околу 30- на жители.
Зовиќ заживува за време на празникот Митровден кога е и слава на селото. Во Зовиќ се одржува и „ Зовичка средба“ кога се собираат иселените жители на селото и тој денес Зовиќ е полно со луѓе како на времето.
Но исто така во последните години може да се каже дека се повеќе иселени жители на селото се враќаат и ги обновуваат своите стари куќи и ги претвораат во викендици.

zovik-mariovo-01

zovik-mariovo-02

zovik-mariovo-03

12. Камен мост во с. Зовиќ

Во близина на село Зовиќ тече реката Градешка, која извира кај планината Ниџе, а се влива најнапред во реката Сатока, а потоа  во Црна река.
Градешка река  течејќи по своето камено корито има оформено клисура со необична убавина. На Градешка Река, се наоѓа една прекрасна камена градба- Зовичкиот Мост.
Камениот мост се наоѓа во непосредна близина на селото. Неговата намена била премостување на Градешка Река. Изграден бил заради комуникација на населението со населените териториите од другата страна на реката, односно со мариовските села Бешиште и Полчиште.

most-s-zovik-01
Во средновековниот период на местото на камениот мост постоел веројатно дрвен, кој по кажување на жители од селото, бил срушен кога во една прилика при транспорт бил преоптоварен.  
Дури во 1955/6 година Majсторот Ѓуладин или Џуладин од село Лабуништа, струшко и Трајко Секирков повторно го изградиле со залагање на месното население и колективите. Непосредно кај приодот кон  мостот на една висока карпа е насликан светецот Свети Ѓорѓи, кој е еден вид на остаток од црквичето кое во минатото постоело таму. Живописот датира од поново време, односно од 1925 година која е испишана заедно со имињата на дарителите.

most-s-zovik-04

Живопис со приказ на свети Ѓорѓи

Живописот со приказот на свети Ѓорѓи сместен е во правоаголна насликана рамка која во горниот дел завршува лачно. Рамката е насликана лента од три линии; во средината црвена која е најширока и е ограничена со потенка бела лента од внатрешната и црна од надворешната страна. Централно поставена е фигурата на свети Ѓорѓи на бел коњ и со развиорена црвена наметка како го убива аждерот. Фонот е обоен со светлосина боја. Во долниот дел на фонот претставен е карпест пејсаж. Во горниот дел на фонот со црковно словенски испишана е со бела боја кратенка од името на светецот-  Велико Маченик и цело име Ѓеорѓи. Живописот на карпата е реставриран  во 2006 година од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Битола.

Мостот се вбројува меѓу најубавите архитектонски творевини во Мариово. Изграден е од камен, односно делкани и приделкани камени блокови. Има лачна форма и прилагоден е на конфигурацијата на теренот.  Во долниот дел во непосредна близина на реката од страната на селото Зовиќ изградена е Воденица, која населението ја користело за мелење на житарици. Воденицата е изградена од камен и била покриена со камени плочи.
Заради целокупна атрактивност и вонвременската импресија што ја остава селото, истото станало и сега е инспирација и предмет на интерес за многумина уметници, биолози, етнолози, геолози  и многу други професии.
Во 2014 година мостот е поправен и обновен од страна на Општина Новаци.

most-s-zovik-05

13. Село Старавина

Старавина е село во Општина Новаци сместено во подножјето на Ниџе Планина и на 50 километри од Битола.
Старавина е погранично село поради тоа што е оддалечена околу 20 км од нашиот  јужен сосед Грција.
Според некои кажувања името Старавина селото го добило од зборовите стари вина. Имено, на овие простори порано имало доста стари лозја од кои се правело квалитетно вино но подоцна со војните биле уништени.
Старавина како и многу други села во мариовскиот крај имала славно минато. Па така според пописот од 1953 година во Старавина живееле 741 жител. Но не само поради тоа. Во Старавина функционирала караула во која бил сместен штабот на војската, амбуланта,а  во 1950 година било изградено и централно осумгодишно училиште во кое доаѓале деца од сите околни села.
Старавина исто така едно време била седиште на општината на битолско Мариово, а во 1997 година била формирана и Општина Старавина која за жал ќе биде расформирана во 2005 година поради малиот број на жители и неможноста за самофинансирање.
Според последниот попис од 2002 година Старавина имала само 23 жители. Селото заживува единствено за време на празникот Голема Богородица кога е и славата на селото.

staravina-mariovo-01

14. Куќата на Калеш Анѓа во село Старавина

Калеш Анѓа е една од најопеаните народни хероини а селото Старавина е нејзиното родното место.
Таа била мариовска девојка со челична волја спремна и по цена на својот живот да ја зачува својата вера и да не се предаде на прилепскиот кадија.
Калеш Анѓа потекнувала од фамилијата Сирмевци, кои што живееле во ова маало, па кај локалното население оваа куќа е позната како „Куќата на Калеш Анѓа“

kukjata-na-kales-nagja-01

Калеш Анѓа била заробена на подмолен начин и нејзиното спасување од домот на кадијата, на некој начин претставува вовед во организирано востание против Отоманската империја или т.н. „Мариовска буна“ во 1564/65 година.
Населението во Мариово и пружило голем отпор на Отоманската војска и во неколку наврати истата и ја совладале. Сепак обиколени од сите страни од далеку помногубројниот непријател, востаниците морале да се повлечат тврдината Пешта, лоцирана помеѓу селата Старавина и Градешница. Неможејќи на сила да ја освои тврдината, Отоманската војска се послужила со итрина и го лоцирала подземниот канал, низ кој што тврдината се снабдувала со вода.
Дел од изжеднетите востаници се одлучиле на борба до смрт на портите на тврдината, а додека пак другиот дел заедно со жените и децата биле земени во заробеништво.

kukjata-na-kales-nagja-08

Поглед кон местото каде се наоѓала тврдината Пешта

По Мариовската буна тврдината ја изгубила својата оригинална намена и била оставена на забот на времето. Денес разрушена, во голема мера и поради бомбардирањето во текот на Првата светска војна, таа останува како нем сведок за бурното минато на овие простори.)
(Легендата за Калеш Анѓа е овековечена во истоимениот роман на Стале Попов. Куќата од каде што потекнува најубавата и надалеку позната мома од селото се уште гордо стои на оригиналните темели во Старавина.
Денес објектот, насловен како куќата на Калеш Анѓа претставува традиционален тип на градба, со правоаголна форма  ѕидана од природни материјали (дрво, камен и кал) со функционална и симболичка поделба на „горен“ и „ долен“ дел. Горниот за домакинството, а долниот за стоката. Заради благата мариовска клима познати се отворените чардаци. Ваков чардак среќаваме и кај Куќата на Калеш Анѓа.

kukjata-na-kales-nagja-02

15. Село Градешница

Градешница е едно од најпознатите села во Мариово ( Битолоско) кое се наоѓа во составот на Општина Новаци и е оддалечено 53 километри од Битола.
Местоположбата на ова село е доста специфична, а тоа се гледа по фактот што Градешницата се наоѓа доста блиску до Општина Прилеп , а исто така и до државната граница со Грција.
Според една претпоставка  Градешница своето име го добило по тоа што во однос со другите села од Мариово било најнапредно и личело на град, а според друга претпоставка е дека името Градешница го добило по Градешка река.

gradesnica-mariovo-01
Градешница е ридско село кое се наоѓа на 850 метри надморска височина и е сместено во долината на Градешка река која селото го прави доста живописно.
Ова село било доста познато по високиот наталитет па затоа не чуди фактот што Градешница отсекогаш било најбројното од сите мариовски села. Меѓутоа ниту Градешница не беше заобиколена од масовното иселување на од мариовскиот крај во втората половина на 20 век. Па така од 1085 жители според пописот во 1953 година, денес во Градешница живеат помалку од 100 жители.

16. Црква Св. Димитриј во село Градешница

Во селото Градешница, постојат девет цркви. Една од најстарите е црквата Свeти Димитрие, за која некои автори сметаат дека потекнува од XIV век или од XV век. Храмот посветен на свети Димитрие, за жал  многу малку е истражуван досега иако е издадено решение со статус на  споменично, недвижно, културно добро во 1992 година.
Во минатото екипата на Републички завод за заштита на спомениците на културата има извршено евиденција на спомениците на културата во мариовскиот крај,  кога е евидентиран и овој споменик на културта, но со основни податоци. Во тек на 2000-та година НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола има преземено одредени превентивни мерки што се однесуваат на архитектурата и фрескоживописот.

sv-dimitrij-s-gradesnica-01
Фрескописот на црквата некои автори го  датираат од крајот на XIV и почетокот на XV век, но истражувањата на други автори дел од фрескоживописот и ѕиданиот иконостас го датираат во почетокот на 16 век.
Црквата Свети Димитрие се наоѓа на влезот во селото, покрај патот што води до селото.
Црквата  е од типот на еднобродна градба со правоаголна основа, со влез на западната страна и апсида на источната страна. Градена е од делкан и полуделкан камен кој е употребен и за  полукружниот свод. На влезот од западната страна во вдлабена ниша насликан е свети Димитрие, патронот на црквата. Фрескописот овде не е целосно сочуван. Во внатрешноста црквата била фрескоживописана врз подлога од варов малтер, скоро на целата површина (на источниот, западниот, северниот, јужниот ѕид, на сводот и на ѕиданиот иконостас.
Денес не се целосно зачувани фрескоживописаните површини, заради оштетувањата кои настанале врз градбата на црквата со тек на времето.
Мошне впечатлив е масивниот камен иконостас што го дели наосот од олтарниот простор. Во продолжение кај наосот поставени се мермерни столбови, по еден на северната и јужната страна во наосот. Преку столбовите и иконостасот изѕидани се по три слепи лаци, над кои се издигнува камениот свод.

sv-dimitrij-s-gradesnica-04


Вкупна должина на трасата во двата правци:

106 км доколку се тргнува од Новаци
125 км доколку се тргнува од Битола

Надморски висини

Надморските висини на сите места се обележани на интерактивната мапа

Препорака

Препорачана е придружба од лиценциран планинарски водич.
До одредени локации може да се стигне единствено со пешачење или пак со теренско возило. Добро проучете ја трасата пред да го започнете вашето патување.