Мимоза Донев - Експертски извештај за природните и историските знаменитости во општина Новаци

Категорија: Документи - Documents - Εκθέσεις εμπειρογνωμόνων

Мариово се наоѓа во јужниот дел на Република Македонија, непосредно покрај границата со Грција и го зафаќа средното сливно подрачје на Црна Река. Од сите страни е заградено со пространи планински масиви, како што се Ниџе и Кожуф на југ, Селечка Планина од запад, Дрен Планина од север и Козјак со ограноци на Кожуф од исток и претставува специфична природна целина.

Мариово е необично по многу нешта: необично е по тоа што е – високорамнинска котлина, необично е по својата дива убавина, по својата изолираност од светот, по своите природни богатства.
Од флорно-вегетациски аспект тоа е еден од најбогатите региони од територијата на Република Македонија, на чија територија се среќаваат бројни ендемични и реликтни растителни видови и растителни заедници, како и претставници на различни флорни елементи, како што се балкански и јужно балкански ендеми, претставници на медитеранскиот и субмедитеранскиот флорен елемент и др. Вертикалниот распон помеѓу најниската точка на овој простор ( клисурата на Црна Река, 380-400 м.н.в ) и највисоката точка на планината Ниџе – Кајмачкалан ( 2524 м.н.в ) изнесува околу 2100 м., што зборува за постоење на спектар од различни вегетациски појаси (ливади, брдски пасишта, дабови шуми, букови шуми, елово-букови шуми, шуми од бел и црн бор, моликови шуми и сл. ), односно голем диверзитет на станишта со специфични еколошки услови во кои се развиваат различните компоненти на биолошката разновидност.
Климата со изразито медитеранско влијание, исто така е значајна за изгледот на мариовскиот предел. Во текот на годината се менуваат најразлични  нијанси на бои – од различни интензивни зелени нијанси, до апсолутно доминирачко жолтило и различни кафеави нијанси во сувиот пириод или на есен.
И покрај тоа што овој простор се смета за сеуште некомплетно флористички и вегетациски истражен, од неговата територија се опишани преку 20 таксони нови за науката од различните негови делови, односно територијата на Мариово претставува нивни locus classicus.