Божидар Бошковски - Експертски извештај за природните знаменитости во Општина Новаци

Категорија: Документи - Documents - Εκθέσεις εμπειρογνωμόνων

Македонија е земја која е позната по добра местоположба, земја со богата историја, неопишлива природа како и земја со доста обичаи. Една таква област позната по својата историја, етнологија, традиција и култура која се наоѓа во нејзиниот краен јужен дел е областа позната како Мариово.

Постојат повеќе легенди за името Мариово. Според една легенда Мариово се споменува како Марихова - по името на некој старешина од византиско време. Друга легенда поврзана со името Мариово која потекнува од римско време тврди дека оваа област го носела името Морина и настанала од море, тоа и денес го потврдуваат скелети од риби и школки кои се наоѓаат во разни ископнини на оваа област. Во поново време името Мариово се смета дека настанало од името на царицата Марија. Како област која била населена уште во антиката Мариово е преполно со траги од цивилизација и култура, кои јасно укажуваат на постоење на големи и доста раскошни градски населби од римско време, како што потврдуваат историчарите и археолозите од овај крај.
Областа Мариово како дел од Античка Македонија е необична по многу нешта: необична е по својата дива убавина, по местоположбата заградена од планински венци, по неговата изолираност од околниот свет, по своите огромни природни богатства и по неговото најверојатно езерско потекло. Сето ова не е тешко да се поверува доколку се земе во предвид прекрасната местоположба на Мариово. Тоа е ридско – планински предел распослан помеѓу падините и билата на Селечка Планина од запад, Ниџе и Кожуф од југ, Дрен Планина на нејзиниот северен дел и Козјак од исток, а низ целата област протекува Црна Река. Планината Ниџе е позната по богатството со шума, планинските пасишта и разновидна фауна. Кожуф Планина изобилува со огромен воден потенцијал од која извираат многубројни реки, на оваа Планина сеуште опстојува рисот како редок и заштитен вид. Низ Мариово, Црна Река има карактер на планинска река, односно река со брз тек, тесно корито и и високи страни со изглед на кањон. Од аспект на рибарство оваа река е доста значајна за Мариовскиот крај, поради застапеноста на крапот, црвеноперката, кленот, сомот и други. Според географската положба и пристапноста кон поголемите градски центри, Мариово се дели на Битолско, Прилепско и Кавадаречко подрачје.
Богатиот етнолошкиот карактер на Мариово е тоа што  го прави овај крај доста познат, а со тоа и Македонија воопшто. Имено оваа област е седиштето на колоритно најбогатите народни носии. Мариово како област изобилува и со народно творештво особено народни песни, народни приказни, митови, легенди и преданија, што го прави овај крај уште поголема туристичка атракција. Кога се зборува за трудољубивоста на мариовскиот народ мора да се напомене  дека овдешното население располага со богат инвертар кој го изработува рачно, тука се изработуваат и народни носии по кои што е и препознатлив овај крај. Населението главно се занимава со сточарство и земјоделство.