Игор Тасевски - Традицијата и животот во мариовскиот дел на Општина Новаци
Мариово е една од географски најголемите области во Македонија. Регион кој е поделен меѓу три општини: Прилеп, Кавадарци и Новаци. Секако и дел кој спаѓа во редот на најретко населените во Македонија. Од друга страна, Мариово е еден од регионите кој е често споменуван во народните умотворби, а и регион кој е богат со историски настани.
Имајќи ја во предвид местоположбата, од една страна, начинот на живеење, во кој сеуште се дава значење на традиционалниот начин на живеење и почитувањето на семјните вредности, од друга страна. одлучивме да посетиме некои од местата низ Мариово, конкретно дел од селата во општина Новаци и тоа Градешница, Старавина и Зовиќ. Тргнавме да ја доживееме природата, од една страна, традицијата, културологијата и етнологијата, од друга страна. Целта на овие наши патувања беше да видиме колку населението и денес користи делови од начинот на живеење, како пред 100 и повеќе години, од една страна, и да провериме колку денешните жители на Градешница, Старавина и Зовиќ, паметат и раскажуваат легенди, приказни ... кои нив им ги раскажувале нивните мајки и баби.
Поминувавме од Новаци до Градешница пат долг 43 километри, исто колку растојанието меѓу Прилеп и Битола. Но ако од Прилеп до Битола стигнувате за дваесетина минути, за да дојдете до Градешница ќе ви треба, отприлика, час и половина. Тоа е пат кој е полн со височини и кривини, пат по кој се сретнувате со многу убави пејсажи, пат кој треба да се помине за да се доживее. Кога стигнувате во мариовските села сретнувате убави мариовски куќи градени со камен, а покривани со камени плочи. Селата имаат многу куќи, а малку жители. И тие што останале, се стари. Па сепак, пленува нивната гостопримливост, срдечност, отвореноста кон гостите. Кога сме кај жителите треба да потенцираме дека не се малку и пензионерите кои се вратиле од градовите во Мариово својата старост да ја поминат на родната грутка, во недопрената природа и убавина.
Малкуте жители уживаат во убавините на природата, а се занимаваат со земјоделие и сточарство. Прозведуваат храна со високи природни вредности, а среќни се што не ги заборавиле приказните кои им ги раскажувале нивните мајки и баби. Ветивме деке ќе ги објавиме старите, ама за нас новите умотворби, и, секако, дека ќе се вратиме повторно да уживаме во убавините на Градешница, Старавина и Зовиќ, реките, ливадите, а секако и убавото мариовско сирење и традиционална храна.