Природа и култура - откријте ја Општина Новаци (Комбинирана патека)
Откријте ги природните и културно историските знаменитости во Општина Новаци. Посетете ги локациите обележани на мапата и добро проучете ја трасата пред да го започнете на Вашето патување.
1. Општина Новаци
Почетна точка на оваа траса е административната зграда на Општина Новаци лоцирана на 9.6 км од Битола. Тука можете да добиете и дополнителни информации во однос на местата кои планирате да ги посетите а и состојбата на патиштата.
2. Суводолско Езеро
Формирано за потребите на РЕК Битола вештачкото езеро Суводол е една од почесто посетуваните локации од излетниците, планинарите и рибарите.
Оддалечено 9.3 км од Новаци, ова езеро претставува одлична локација за одмор и рекреација.
3. Село Маково
Сместено на 19.3 км од Новаци, село Маково претставува влезна порта на јужно Мариово. Подигнато е на 850 м.н.в. поради што има остри зими и свеж воздух. Маково е ојконим изведено од хипокористикот Мако. Во 1568 живееле 160 жители. Во Првата светска војна селото многу настрадало. Во Маково постои храмот Собор на св. Архангел Михаил, изграден 1860 г. во Првата светска војна до темел срушен, а во 1926 подигнат со името Св. Воскресение.
Маковци го слават Велигден.
Манастирот Св. преп. Петка, подигнат и осветен во 2002 година. Се празнува на Петковден.
4. Рапешко Езеро
Оддалечено 22.5 км од Новаци (32 км од Битола), вештачкото езеро во село Рапеш претставува пријатна глетка за посетителите на овие краеви и вистинско освежување во овој релативно сув регион. Формирано за потребите на сточарите во село Рапеш, ова езеро нуди навистина пријатна локација за одмор и рекреација.
5. Село Рапеш
Село Рапеш е стара мариовска населба. Ојконимот е изведен од Рапол, а тој од Харалампиј или од Рахослав. Во пописните турски дефтери од XV в. се споменува село со 65 жители.
Рапеш е сместено на источната падина на Селечка Планина на н. в. од 700 м. Слава на селото е Спасовден. Храм Св. препод Параскева и Св. вмч.Димитриј. За двата светци подигнат еден храм.
Најпрво изграден некаде кон 1860 г. од камен, со влез од јужната и западната страна, декориран со фрески и икони. Во 1918 гранатиран и разурнат. По војната, во 1919 г. избеганите рапевци се вратиле на своите огништа и го обновиле.
Село Рапеш е лоцирано на 24 км од Новаци.
6. Кањонот на Црна Река
Во близина на местото викано „Јасиките“ регионалниот пат Рапеш – Градешница влегува во кањонот на Црна Река. На ова место завршува и асфалтниот и започнува макадамски пат кој е во релативно добра состојба и по него можат да се движат и лесни коли.
7. Рапешки мост
Лоциран на Црна Река на 29 км од Новаци, Рапешкиот мост претставува влез во т.н. Старо Мариово. На ова место често можат да се видат рибари кои ловат по Црна Река, а воедно тоа е и местото најчесто користено за починка од патниците кои патуваат до селата Зовиќ, Брник, Будимирци, Старавина и Градешница.
8. Село Старавина
Старавина е село во Општина Новаци сместено во подножјето на Ниџе Планина и на 50 километри од Битола.
Старавина е погранично село поради тоа што е оддалечена околу 20 км од нашиот јужен сосед Грција.
Според некои кажувања името Старавина селото го добило од зборовите стари вина. Имено, на овие простори порано имало доста стари лозја од кои се правело квалитетно вино но подоцна со војните биле уништени.
Старавина како и многу други села во мариовскиот крај имала славно минато. Па така според пописот од 1953 година во Старавина живееле 741 жител. Но не само поради тоа. Во Старавина функционирала караула во која бил сместен штабот на војската, амбуланта,а во 1950 година било изградено и централно осумгодишно училиште во кое доаѓале деца од сите околни села.
Старавина исто така едно време била седиште на општината на битолско Мариово, а во 1997 година била формирана и Општина Старавина која за жал ќе биде расформирана во 2005 година поради малиот број на жители и неможноста за самофинансирање.
Според последниот попис од 2002 година Старавина имала само 23 жители. Селото заживува единствено за време на празникот Голема Богородица кога е и славата на селото.
9. Куќата на Калеш Анѓа во село Старавина
Калеш Анѓа е една од најопеаните народни хероини а селото Старавина е нејзиното родното место.
Таа била мариовска девојка со челична волја спремна и по цена на својот живот да ја зачува својата вера и да не се предаде на прилепскиот кадија.
Калеш Анѓа потекнувала од фамилијата Сирмевци, кои што живееле во ова маало, па кај локалното население оваа куќа е позната како „Куќата на Калеш Анѓа“
Калеш Анѓа била заробена на подмолен начин и нејзиното спасување од домот на кадијата, на некој начин претставува вовед во организирано востание против Отоманската империја или т.н. „Мариовска буна“ во 1564/65 година.
Населението во Мариово и пружило голем отпор на Отоманската војска и во неколку наврати истата и ја совладале. Сепак обиколени од сите страни од далеку помногубројниот непријател, востаниците морале да се повлечат тврдината Пешта, лоцирана помеѓу селата Старавина и Градешница. Неможејќи на сила да ја освои тврдината, Отоманската војска се послужила со итрина и го лоцирала подземниот канал, низ кој што тврдината се снабдувала со вода.
Дел од изжеднетите востаници се одлучиле на борба до смрт на портите на тврдината, а додека пак другиот дел заедно со жените и децата биле земени во заробеништво.
Поглед кон местото каде се наоѓала тврдината Пешта
По Мариовската буна тврдината ја изгубила својата оригинална намена и била оставена на забот на времето. Денес разрушена, во голема мера и поради бомбардирањето во текот на Првата светска војна, таа останува како нем сведок за бурното минато на овие простори.)
(Легендата за Калеш Анѓа е овековечена во истоимениот роман на Стале Попов. Куќата од каде што потекнува најубавата и надалеку позната мома од селото се уште гордо стои на оригиналните темели во Старавина.
Денес објектот, насловен како куќата на Калеш Анѓа претставува традиционален тип на градба, со правоаголна форма ѕидана од природни материјали (дрво, камен и кал) со функционална и симболичка поделба на „горен“ и „ долен“ дел. Горниот за домакинството, а долниот за стоката. Заради благата мариовска клима познати се отворените чардаци. Ваков чардак среќаваме и кај Куќата на Калеш Анѓа.
10. Село Градешница
Градешница е едно од најпознатите села во Мариово ( Битолоско) кое се наоѓа во составот на Општина Новаци и е оддалечено 53 километри од Битола.
Местоположбата на ова село е доста специфична, а тоа се гледа по фактот што Градешницата се наоѓа доста блиску до Општина Прилеп , а исто така и до државната граница со Грција.
Според една претпоставка Градешница своето име го добило по тоа што во однос со другите села од Мариово било најнапредно и личело на град, а според друга претпоставка е дека името Градешница го добило по Градешка река.
Градешница е ридско село кое се наоѓа на 850 метри надморска височина и е сместено во долината на Градешка река која селото го прави доста живописно.
Ова село било доста познато по високиот наталитет па затоа не чуди фактот што Градешница отсекогаш било најбројното од сите мариовски села. Меѓутоа ниту Градешница не беше заобиколена од масовното иселување на од мариовскиот крај во втората половина на 20 век. Па така од 1085 жители според пописот во 1953 година, денес во Градешница живеат помалку од 100 жители.
11. Црква Св. Димитриј во село Градешница
Во селото Градешница, постојат девет цркви. Една од најстарите е црквата Свeти Димитрие, за која некои автори сметаат дека потекнува од XIV век или од XV век. Храмот посветен на свети Димитрие, за жал многу малку е истражуван досега иако е издадено решение со статус на споменично, недвижно, културно добро во 1992 година.
Во минатото екипата на Републички завод за заштита на спомениците на културата има извршено евиденција на спомениците на културата во мариовскиот крај, кога е евидентиран и овој споменик на културта, но со основни податоци. Во тек на 2000-та година НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола има преземено одредени превентивни мерки што се однесуваат на архитектурата и фрескоживописот.
Фрескописот на црквата некои автори го датираат од крајот на XIV и почетокот на XV век, но истражувањата на други автори дел од фрескоживописот и ѕиданиот иконостас го датираат во почетокот на 16 век.
Црквата Свети Димитрие се наоѓа на влезот во селото, покрај патот што води до селото.
Црквата е од типот на еднобродна градба со правоаголна основа, со влез на западната страна и апсида на источната страна. Градена е од делкан и полуделкан камен кој е употребен и за полукружниот свод. На влезот од западната страна во вдлабена ниша насликан е свети Димитрие, патронот на црквата. Фрескописот овде не е целосно сочуван. Во внатрешноста црквата била фрескоживописана врз подлога од варов малтер, скоро на целата површина (на источниот, западниот, северниот, јужниот ѕид, на сводот и на ѕиданиот иконостас.
Денес не се целосно зачувани фрескоживописаните површини, заради оштетувањата кои настанале врз градбата на црквата со тек на времето.
Мошне впечатлив е масивниот камен иконостас што го дели наосот од олтарниот простор. Во продолжение кај наосот поставени се мермерни столбови, по еден на северната и јужната страна во наосот. Преку столбовите и иконостасот изѕидани се по три слепи лаци, над кои се издигнува камениот свод.
12. Тврдината Пешта
Над клисурата на Градешка Река на 919 метри надморска височина помеѓу селата Градешница и Старавина на 52 километри од Битола се наоѓа Тврдината Пешта.
Остатоци од Тврдината Пешта
Постојат докази дека Тврдината Пешта постоела уште од римско време и дека за време на Римската Империја во неа имало стационирано војска.
Историјата на Тврдината Пешта е тесно поврзана со Мариовската буна од 1564/1565 година. Имено, ослободувањето на Калеш Анѓа од домот на кадијата која претходно била заробена претствувало повод за почеток на борби помеѓу отоманската војска и жителите од мариовксиот крај позната како Мариовнска буна која се одвивала во непосредна близина на Тврдината Пешта.
Откако бунтовниците од Мариово пружиле доста жесток отпор против отоманската војска тие биле заобиколени од сите страни од многубројната отоманска војска па биле приморани да се повлечат на Тврдината Пешта.
Борбите продоложиле и понатаму но Турците не можеле никако да ја освојат оваа тврдина. Но, клучниот момент кој донесол успех за Турците е кога тие го лоцирале подземниот канал кој ја снабдувал Тврдината Пешта со вода.
Според едно предание, во тоа и помогнала една баба која била приморана да и помогни поради тоа што нејзиниот маж бил тепан од Турците. Таа и рекла да земат неколку коња да ги чуваат неколку дена и ноќи без вода и потоа да ги одведат кај тврдината и тие самите ќе го најдат местото.
Турците ја послушале бабата, направиле така и успеале да го пронајдат подземниот канал и да го прекинат снабдувањето со вода на тврдината. После оваа итрина од страна на Турците дел од востаниците заедно со жените и децата биле земени во заробеништво, а пак дел од нив храбро се бореле до смрт.
После оваа буна животот во Тврдината Пешта запрел и таа останала на милост и немилост на времето, а дополнително за време на Првата светска војна оваа тврдина била бомбардирана и затоа денеска останати се само остатоци од некогашната тврдина кои сведочат за нејзиното минато.
До тврдината води земјен пат со должина од приближно 700 метри, по кој се препорачува движење единствено со теренски возила, а исто така и 20 минутната прошетка до тврдината претставува возбудливо доживување за посетителите.
13.Месност Пет Чешми
На околу 10 км над селото Градешница, се наоѓа извор со вода познат како Пет чешми. Всушност, на терен се гледа само една чешма а водата од останатите четири се искористува во водоводниот систем. Имено, преку цевки, од овој извор, со вода се снабдуваат селата Старавина, Градешница, Будимирци, Зовиќ.
Надморската висина и влажоста на воздухот збогатена со живописниот растителен свет, го прават престојот на ова место незаборавно искуство.
До мосноста Пет Чешми се стигнува по патот над село Старавина и село Градешница со должина од 10 км. Патот е теренски и земјен и наместа е во прилично лоша состојба особено во зимскиот и есенскиот период. Истиот е погоден само за теренски возила и се препорачува посета со придружба на планинарски водич.
Вкупна должина на трасата во двата правци:
105 км доколку се тргнува од Новаци
123 км доколку се тргнува од Битола
Надморски висини
Надморските висини на сите места се обележани на интерактивната мапа
Препорака
Препорачана е придружба од лиценциран планинарски водич.
До одредени локации може да се стигне единствено со пешачење или пак со теренско возило. Добро проучете ја трасата пред да го започнете вашето патување.