Чебрен - Манастирски комплекс
Чебрен е место во Мариово со богато историско минато. Атарот на Чебрен, денес потпаѓа под селото Зовиќ, односно Oпштина Новаци.
Според пишаните извори, градот на локалитетот „Чебрен“ кај селото Зовиќ во средниот век се викал Чемрен. Тоа го потврдува српскиот архиепископ Данило за време на владеењето на цар Душан во неговото дело „Животи кралјева и архиепископа српских“. Покрај другите градови го споменува и градот Чебрен. Денес тоа може да се види по зачуваните организирани остатоци од камен.
Градот Чемрен, според историските податоци, сè до 1331 -34 година, кога бил освоен од царот Душан, се наоѓал во рамките на Византиското царство. Со доаѓањето на Турците градот престанал да егзистира, а на неговото место останало мало селце со манастирот „Св. Димитрија“ познат и денес како „Чебрен“.
Селцето полека исчезнало, а останал само манастирот кој уште во почетокот на 18 век имал училиште за свештеници кои вршеле служба по црквите низ областа Мариово. Манастирот бил многу развиен се до првите децении на дваесетиот век.
Скица со реконструкција на изглед на средновековниот град Чемрен со обѕидието зајакнато со неколкуте кули
Локалитетот „Град, Чебрен” лежи на еден издвоен вулкански куп или тумба во кањонот на реката Црна (Еригон во античко време), како и на просторот ниско крај реката јужно од тумбата некаде околу 140 м високо над самата река, недалеку и северозападно од селото Зовиќ.
На овој простор сеуште може да се видат античките, остатоците на средновековниот манастир и на раселеното селце Чебрен. Локалниот планински пат што поаѓал од Полето на запад и ја сечел јужномориовската висорамнина, го допирал Чебрен и се качувал до пазувите на Кајмакчалан - Кожуф на исток, кон старите рудници на железо. Денес тоа е патот Суводол — Рапеш — Манастир — Полчиште. Археолошките истражувања предводена од стручни лица на тогашниот Народен Музеј од Битола кај тумбата Чебрен го докажаа постоењето на рано античка наслеба од времето на владеењето на македонските кралеви, според откриените монети од тој период.
Поглед на дел од областа Чебрен
Изглед на средновековниот комплекс со видливи остатоци од обѕидието и други објекти
Тука, покрај остатоците од акрополата, цистерна, базилика, откриена е и една градба која според констатациите на археолозите веројатно, е во склоп на ранохристијанска црква. Тоа е објект вдлабен во карпа, во чија средина е издлабен помал објект во форма на крст, како и четири кружни дупки во аглите на правоаголната платформа. Овој објект претставувал т.н. мартириум во кој се чувале мошти на некој христијански маченик. од првите векови на христијанството кога христијаните биле прогонувани од тогашната римска власт. Блиску до овој објект се наоѓа голема гранитна плоча со изработен рељеф – детелина со четири листа и повеќе помали детелинки со четири листа, која веројатно припаѓа на претходнонаведениот објект. Ваква слична форма на вдлабен крст се среќава и на еден обработен камен блок на трикорабната црква во с. Манастир. Нашиот коментар е дека можеби ваквата конструкција со вдлабен крст во склоп на доцноантичката – ранохристијанска базилика, може да претставува и еден вид мала крстилница за крштевање на новите христијани. Детелината како симболичен мотив се јавува во ранохристијанскиот период како израз на божествената тријада.
Со археолошките истражувања во изминатите години на овој простор (пониско крај реката), докажано е дека во доцната антика бил изграден кастел со замашни димензии, додека пониско на југ започнала да се развива цивилна населба која била опфатена со истиот одбрамбен ѕид (обѕидие). Целиот овој простор бил ограничен - обѕидан наоколу и зајакнат со повеќе кули. Според констатираните остатоци се добива информација на планско градско оформување со големина од 5 ха.
Во средиштето на населбата бил изграден базиликален тип на храм датиран V-VI век, чии темели и делови од мермерната пластика до денес се среќаваат во и околу средновековната црква. Деловите од мермер веројатно се столбчиња од мермерна иконостасна преграда, но постојат и остатоци од столбови, капители и базиси изработени од камен кои веројатно потекнуваат од наосот на базиликата. Постојат докази дека населбата на локалитетот „Чебрен“ егзистирала и во периодот пред римската окупација, односно за време на владеето на македонската империја. Тоа ни го докажуваат и наодите на монети од кралевите на античка Македонија.
Пронајдените монети на Македонските кралеви, Филип II (359–336 п.н.е.), Касандар (316–297), потоа од автономна Македонија, од Антигон Гоната (277–240/39 п.н.е.), Филип V (221–179 п.н.е.), Персеј (179–168 п.н.е.), монети на градовите Амфипол и Тесалоника, како и на Аркадија потекнуваат од овој локалитет.
Периодот на овие простори, кога е изградена и базиликата V-VI век и дефиниран како рановизнатиски се смета како релативно мирен без некои позначајни потреси. Но, византиските цареви Леон и Зенон, а потоа Анастасие и Јустинијан I поучени од претходните пустошењеа на Готите, а потоа на Хуните, го сфатиле ова како иден сериозен проблем па затоа биле фокусирани на градителска дејност што ќе обезбеди заштита на постоечките збегови, стражи, рударски населби, градови, села, со изградба или обнова на планирани фотификациони системи.
Така, во тој период биле ангажирани воените царски архитекти при што се обновени или изградени многу нови, крепости и градови. Тоа се случило и кај градот Чебрен, при што истиот бил обѕидан. Денес постојат остатоци од фортификациониот ѕид од тој период.
Траги од старите рудници како и железна згура се среќаваат на повеќе места на локалитетот. Главната стопанска дејност во доцно античкиот период во Македонија било рударството. Државата се грижела за безбедноста на рудничарските и топилничарските постројки и за таа цел биле изградени бројни мали тврдини, каде престојувале чиновници, контролори, стручњаци и стражари.
Графичка претстава на крстот реликвијар
Покрај другото тука биле топени металите под контрола на државата, тука биле чувани добиените метали и металните производи до нивната конечна испорака до државата. Доколку постоела некоја поголема опасност тука во овие фортифицирани со обѕидија простори се засолнувале работниците и рударите од околината. Се до XII- XIII век се користеле старите одбрамбени крепости кои доколку биле уништени или делумно уништени се обновувале или адаптирале. Тоа се случува и со одбранбениот ѕид на градот Чебрен, при што извршена е поправка на обѕидието, кулите и акрополата во XIII век. Новото обѕидие отстапува од доцноантичкиот ѕид. Тогаш била обновена и црквата. Средновековната црква била изградена врз базиликата во XIII - XIV век, но со помали димензии. За истата постојат податоци дека повторно била обновена и живописана во XVI век. Во тоа време на југоисточниот агол на античкото обѕидие изградена е една друга црква, посветена на св. Илија.
Во периодот на турската доминација животот во дотогашните мали средновековни градчиња замрува. Главната причина е во изменетиот стопански систем во турската империја, која постојниот феудален систем го заменила со турскиот тимарско-спахиски систем. Тогаш црквата ги изгубила своите имоти, манастирите опустеле, како и феудалните замоци и рударските градчиња. Големата турска империја ги форсирала поголемите и побогатите рударски центри. Така, при ваква конкуренција неминовно било и потполното замрување со раселување на градот Чебрен. Само, манастирот ќе продолжи да егзистира се до почетокот на XX век.
Со археолошките ископувања откриени се голем број на керамички фрагменти, монети и ситни предмети датирани од 11-14 век. Некои од нив изложени се постојаната музејска поставка на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Битола, како бронзената аплика со претстава на глава-јавач, и крст-реликвијар, датирани во X –XI век. Крстот реликвијар или енколпион е изработен од бронза. Предната и задната страна е склопена со шарнир, а кога ќе се склопи внатре постои шуплина за чување на реликвија. Двете страни се украсени со рељефи, веројатно со претстави на едната распнатиот Исус Христос, а на реверсот Богородица во молителен став.
Од извршените археолошки истражувања, дознаваме и за постоењето на градот Антанија кој бил епископско седиште во 5-6 век. Други констатирани археолошки локалитети се : локалитетот Тумба Чебрен од римско и доцноантичко време и некрополата Марта кај селото Зовиќ од железно време.
Во склоп на Манастирот Чебрен, денес функционираат храмовите
Свети Димитриј
Свети Спас
Текст: Оливера Макриевска