Gratis Joomla Templates by Hostmonster Coupon

Детето што го чувал имотот на своето семејство

Се родило дете со крилја. Мајка му го криела долго време. Свекрвата еден ден и рекла, снао долго време детево не ни го даваш да го видиме, да го искапиме, а нас ни е мерак, знаеш посебно за машките деца.

Снаата и рекла нека го. И свекрвата ја начекала снаата кога отишла на вода и таа кога го расповила видела крилја. И кога се вратила снаата и рекла: снао оти не кажа што има детето, дека има крилја. Да ти се исуши устата за тоа што проговори. И вечерта си легнале да спијаат и стануваат сабајле детето го нема, отишло полетало кај светците кај ангелите. По 10 -15 години почнало град да толчи и тогаш тој (змејот) тошол на гумното каде што вршеле и им рекол. Слушајте, јас сум синот ваш и додека сум јас жив нема ваш имот да го фати ни град ни поплави ни било што друго. Ако забележите дека вашите ниви почнал да ги толчи град тоа значи дека јас сум мртов и неможам да го штитам вашиот имот. И како што стоел на гумното полетал горе каде што грмело. И по години кога тој загинал почнало на нивните ниви да паѓа град. Оваа приказна му ја раскажала мајака му која живеела 93 години.

Оваа легенда до сега ја немаме сретнато во книгите, a е позната меѓу народот.

08-gradesnica

Раскажувач: Стефан Ковачески 71 година од с. Градешница, а оваа приказна била од село Бешиште, запишал Игор Тасевски, јануари 2014 год.

Експертски извештај за природните /историските знаменитости во општина Новаци
Тема: ТРАДИЦИЈАТА И ЖИВОТОТ ВО МАРИОВСКИОТ ДЕЛ НА ОПШТИНА НОВАЦИ
Изработил: М-р Игор Тасевски
Април 2014