Gratis Joomla Templates by Hostmonster Coupon

Свети Димитрие - Манастирски комплекс Чебрен

Sveti Dimitrij Cebren

Манастирот  Свети Димитрие се наоѓа во рамките на второто предградие на средновековниот град Чебрен, на десниот брег на реката Црна.

Датиран е во првата половина на  XIV век. Во  тек  на 14 век  во Македонија, односно од времето на нејзиното потпаѓање под власт на српските средновековни владетели до потпаѓањето под власт на Османските Турци, уметничкото творештво (ѕидното и штафелајното сликарство) заземаат едно од најзначајните места во историјата на средновековната уметност и тоа не само во Македонија туку во историјата на уметноста на балканските народи и византиското сликарство воопшто.
Во периодот по османското освојување  уметничката дејност во покорените краеви на Балканот, со мали исклучоци остана сосем непозната. Не е необично што историографијата на сликарството од ова време ни дава  само воопштен и непотполн приказ на неговата состојба.
Судбината на уметничкото творештво била мошне нееднаква и скромна  во однос на претходниот период. Тоа значително ќе придонесе  веќе во самиот почеток на новото време да се формира познатото сфаќање за тесните можности на културниот развој на христијанските народи под турска власт.
Пред паѓањето под турска власт кон крајот на 14 век во средните делови на  Балканскиот Полуостров имало повеќе уметнички жаришта, чијашто дејност во новите услови се прекинала, главно не оставајки посебна трага во подоцнежните времиња. Сепак во некои од нив таа продолжила,  или неколку децении подоцна почнале да се забележуваат знаци на обновување засновано на сопствената традиција, во извесна мера модификувана и носена од личности со поинакви можности.

sv dimitrij cebren 02
Изглед на црквата Свети Димитрие од југоисток

Од богатото сликарско творештво на 14 век, зад кое стоеле разновидни сликарски работилници, најголемиот дел веќе во 15 век не можело да бидат препознати. Во образувањето на поразвиени и заокружени уметнички целини во централните области на Балканот се истакнале две, костурската и охридската школа и секоја од нив со голем број споменици поврзани меѓусебно со забележително заеднички црти.
Во 14 век Македонија  се повеќе станува еден од позначајните уметнички центри  на Византија. Со тежиште кон Солун, таа без сомнение беше главен преносен пункт во процесот на ширењето на византиската уметност во Бугарија, Србија и Русија.
Првите децении на 14 от век, кога е датирана манастирската црква Свети Димитрие, односно периодот од 1282 година  делови од Македонија се под византиска и доминација на српските средновековни владетели. Српската држава ќе доминира со севроисточните градови на Македонија. Со примирјето кое  е постигнато во 1334 година помеѓу српскиот крал Душан и византискиот цар Андроник III Палеолог, на српската средновековна држава ќе и припаднат останатите градови во Македонија.
Овој договор ќе ја намали територијата на охридската диецеза, но нејзината афтокефалност нема да биде доведена во прашање. Тогашниот охридски архиепископ Никола бил особено критичен при изборот , кој и како слика во црквите на неговата диецеза.
Во тој период обновени се голем број на цркви и манастири.  Тоа е период на работа на повеќе познати и анонимни сликарски работилници, како онаа на познатите Михаило и Еутихие, на нивните наследници мајсторот Ѓорѓија и неговата тајфа, патувачката сликарска работилница на чело со сликарот Јован Теоријан и бројни анонимни патувачки мајстори.
Периодот во втората половина на 14 век во прилепскиот регион и Пелагонија работи монашката сликарска тајфа на  митрополитот Јован Зограф и неговиот брат јеромонахот Макарие. Податоци за тоа кој би можел да ја живописа црквата немаме, нити пак можеме да бараме хронолошки аналогии, заради тоа што живописот од тој период не е сочуван.
Манастирот во своето повеќевековно постоење  бил повеќе пати обновуван заради честите опожарувања, грабежи и разрушувања. Постои податок дека за време на  Првата светска војна  биле срушени четири објекти кои веројатно биле конаци, една племна, казанџилница, четири амбари, две воденици, како и црквата Свети Спас.
Денес од комплексот на манастирот е сочувано многу малку. Од првобитната црква, односно трибродната базилика сочувана е централната длабока апсида  која била обновена над рановизантиската во XIV век со димензии од 2,40м и дел од источниот ѕид.

sv dimitrij cebren 03  
Остатоци од мермер од рановизантиската базилика V-VI век, во ентериерот на денешната црква

Во апсидалниот дел сочуван е живопис од  XVI век, кога црквата била повторно обновувана и живописана. Периодот на XV -XVI век под турска окупација се раѓаат многубројни еднобродни со мали димензии цркви, живописани од локални мајстори или од живописци од монашките редови. Тоа е и период на проширување или враќање на своите поранешни јурисдикции на Охридската Архиепископија, кога охридскиот архиепископ Прохор имал бројни судири со смедеревскиот митрополит Павле и со костурскиот митрополит околу влијанието приклонувањето или отцепувањето на одредени епархии.
Но, позната е политиката на архиепископот Прохор за употреба на словенскиот јазик наместо грчкиот во администрацијата и богослужбата во Архиепископијата.  Заради тоа и тешко е во овој период да се одредат точните граници на Охридската архиепископија.
sv dimitrij cebren 04
Остатоци од столбови од камен од  рановизантиската базилика V-VI век, во ентериерот и во дворното место на денешната црква

sv dimitrij cebren 05
Остатоци од столбови од камен од  рановизантиската базилика V-VI век, во ентериерот и во дворнното место на денешната црква

Во првата половина на XVI век диецезата на Охридската Архиепископија, била стеснета на исток и на север, додека на запад била проширена.
Во 30-тите години на XVI век под јурисдикција на Охридската Архиепископија имало 33 епархии, а на територијата на Македонија 12 епархии. Манстирската црква Свети Димитрие веројатно припаѓала кон Битолската епархија или Пелагониската епархија.
 Тешката политичко-економска положба на Охридската Архиепископија во втората половина на XVI век довела до  големи територијални стеснувања особено со отцепувањето на српските епархии и обновувањето на Пеќската Патријаршија.
По смртта на епископот Прохор, назначен бил рашкиот митрополит Симеон, но за кратко време бил сменет од прогрчки настроените архиереи, па така бил назначен нов, архиепископот Никанор. По Никанор се споменува архиепископот Гаврил. Заради тешката економска и духовна положба тој и независно од него пелагонискиот, веројатно Григориј и прилепскиот митрополит патувале до Русија да бараат парична и друга помош од рускиот цар Теодор Иванович. Паричната помош ја барале за помагање на истоштеното христијанско население како и за обнова на црквите и манастирите. Тоа ќе значи дека и манастирскиот комплекс или само црквата Свети Димитрие била обновена со едно вакво залагање на локалните епископи или актуелниот архиепископ во тој период.
sv dimitrij cebren 06
Апсидата со живопис од XV –XVI век

Иконографијата кај сочуваниот живопис во црквата Свети Димитрие не тера да донесеме заклучок за неговата сличност со живописот кај  црквите во периодот на 15 век, како што е црквата посветена на Богородица Милостива во село Нивица на Голема Преспа од 1451 /2, Свети Илија во село Долгаец, Свети Спас  кај селото Вишни во близина на Струга, Драгалевци, Бобошево. Па така може да се остави и отворено прашањето за датацијата на живописот во апсидата, заради веројатната можност дека овој дел од олтарниот простор може да потекнува од периодот кога била изградена црквата над рановизантиската, односно првата половина на XIV век.
Времето и претходните интервенции врз црквата си го направиле своето. Живописот е крајно деградиран, избледен и прекриен со наслаги од различен тип, заради што е со многу слаба видливост.
sv dimitrij cebren 07 
Детал Исус Христос од сцената Причестување на апостолите

Од  живописаната површина во апсидата нецелосно сочуван е долниот дел на цоклето. Зачувани се неколку правоаголни полиња ограничени со темносива боја, а внатре правоаголните полиња имаат  белузлав фон, врз кого се насликани букети со цвеќиња со црвени и светлосини тонови. Над цоклето во првата зона претставена е сцената Поклонување на жртвата, веројатно  со архиерејската свита од Свети Григориј, Василие Велики, Јован Златоуст и ангел. Сцената Поклонување на жртвата зачната е уште од времето на назначувањето на охридскиот архиепскоп Лав  во 1037 година во периодот на неговите христолошки расправи со римското свештенство. Поклонување на жртвата претставува симболичен начин на прикажување на евхаристијата , алузија на Тајната вечера со што е востановен чинот на причестувањето или на Христос како евхаристична жртва. Впрочем од темата Службата на Свети Василие Велики, зачната  е оваа необично значајна евхаристична  сцена, која подоцна  скоро редовно ќе биде сликана во долната зона на апсидата кај византиските цркви, под име Поклонување на жртвата.  Фигурите не се целосно сочувани. Во втората зона прикажана е сцената Причестување на апостолите, каде е претставен Исус од левата страна како причестува со вино и од десната како причестува со леб. Во горниот дел постои насликана лачна рамка со црвена боја над секој светител, која што потсетува на иконостасните епистили од 16- 17 век.  Третата зона во сферата на апсидата сочуван е мал дел живопис каде е изгубено сликарството и неможе да се идентификува сцената. Веројатно е приказот на Богородица со Исус. Зоните се поделени со насликана лента од 5см. при што е употребена темно црвена боја.
sv dimitrij cebren 08
Детал од Ангелот од сцената Поклонување на жртвата

За жал, заради слабата видливост не сме во можност да исчитаме било какви сигнатури, инскрипции, ниту може да се направи попрецизна анализа на цртежот и употребената палета на бои. Техниката на живописување веројатно е фреско.
За осликување на облеките, ликовите, користени се претежно тонови на жолт окер, кафеави, оранж, белузлави, додека за осликување на фонот користени се париско сината во првата зона и ултрамаринот во втората зона во горните делови, додека во долните употребен е жолт окер. Ликовите на светителите грижливо се обработени, особено ликот на Ангелот и Исус Христос со нагласена мимика од окерасти, кафеави и нежно маслинести тонови, типични за палеолошкиот византиски стил . Облеките се графички драпирани со светли и темни тонови на избраната боја со цел да се прикаже раскошното драпирање означувајки ги осветлените и површините во сенка. Сочуваниот живопис е во процес на континуирана деградација со тенденција да исчезне. Мајсторот или мајсторите кои ја осликувале црквата веројатно спаѓаат во добро талентирани мајстори на својот занает.
Манастирот кој бил заштитен со ограден ѕид од камен,  денес постои, но е делумно  срушен. Портата од каде се влегувало во манастирот е доста репрезентативна. Изградена е од прецизно обликуван – делкан камен. На источниот дел од оградниот ѕид постои сликана декорација, која датира од понов период, односно од 1879 година. На ѕидот од камен  над порталот на малтерисана површина со правоаголна форма обликувани се три ниши. Една централно поставена со поголеми димензии и две со помали димензии странично од неа. Во централната ниша постои живопис со претстава на Свети Димитриј на коњ, во одбрана на градот Солун.
Инаку Свети Димитрие бил прогласен за заштитник на градот Солун. Светителот е претставен во војнички панцир и развиорена наметка качен на црвен коњ. Во десната рака држи копје, а во левата уздите на коњот. Во заднината прикажана е дел од архитектурата на градот Солун (одбрамбен ѕид и веројатно црквата Свети Димтриј во Солун), а на небото сонце. Околу надворешните рабови,  нишата е декорирана  со ритмичка флорална декорација во светлосин тон. Истата декорација ја има и кај страничните ниши. Од внатрешната страна на лаците  кај сите три ниши, истотака постои растителна (цветна) декорација. Над бордурата околу страничните ниши насликан е по еден цветен мотив со виолетово црвени тонови. Во јужната ниша на ултрамарин фон, насликан е Архангел Михаил со меч во десната и отворен свиток во левата рака. Текстот е испишан со старословенски букви.  Во северната ниша насликан е Архангел Гаврил со перо во десната рака и отворен свиток во левата рака. Фонот и кај оваа ниша е во тон на ултрамарин. Текстот е испишан со старословенски букви. Помеѓу централната и јужната ниша на рамната ѕидна површина сочувана е испишаната  годината на осликувањето 1879, како и фрагменти од имињата на дарителите. Името на зографот, доколку било испишано не постои. Живописот е во многу  лоша состојба со тенденција во скоро време да отпадне.
sv dimitrij cebren 09
Репрезентаивната влезна порта во манастирот

sv dimitrij cebren 10

Трите ниши над порталот:лево Архангел Михаил, централно Свети Димитриј, десно Архангел Гаврил

sv dimitrij cebren 11
Централана ниша над порталот со приказ на Свети Димитрие, заштитник на манастирот

sv dimitrij cebren 12

Испишаната година на осликување

Други објекти со минимално сочувани остатоци се конаците, лоцирани севреозападно и западно од црквата. Истите биле градени од делкан и полуделкан камен. Сочувани делумно се: оградниот ѕид на манастирот, дрвен амбар југоисточно од црквата, како и нов конак изграден по 1935 година јужно од манастирската црква. На дел од старата базилика во тек на 206-7 година доградена  е нова помала црква.

sv dimitrij cebren 13
Дрвен амбар

sv dimitrij cebren 14               
Изградената црква во 2006-7 година
sv dimitrij cebren 15
Изградениот конак во 1935 година јужно од манастирската црква

Текст: Оливера Макриевска

made with love from Joomla.it

Мапа на цркви и манастири

made with love from Joomla.it