Свети Спас, Манастир Чебрен
Црквата Свети Спас која се наоѓа во непосредна близина на Чебренскиот манастир - лево од земјениот пат што води до манастирот, лоцирана на едно возвишение над Црна Река, е надвор од последниот, третиот одбрамбен ѕид на средновековниот град Чебрен.
Таа е мала еднокорабна црква со димензии од 6,30 х 4,30 м.и висина од 2.80м. Теренот врз кој е изградена црквата претежно е карпест. Ориентирана е во правец исток – запад. Влезот на црквата е од западната страна, на една скала. Отворот на влезот е мала дрвена врата. Над влезната врата постои вградена полукружна ниша со остатоци од малтер, која во минатото веројатно била живописана. Кај јужната фасада постои мал правоаголен отвор – прозорец. На исток апсидата од олтарниот простор е градена над карпа. Кај апсидата постои отвор – дентикула. Заради нагибот на теренот, северниот дел од црквата е повисок во однос на јужниот. Црквата е ѕидана од делкан камен и кал, а од надворешната страна (фасадите) со фугован варов малтер.
Како бил изведен нејзиниот првобвитен свод (полуобличест или изведен на друг начин), денес не може да се констатира. Црквата денес е покриена со црвени герамиди, но сеуште се зачувани по рабовите плочи од шкрилец над калканските ѕидови на север и на југ. Денес, наосот на црквата е поделен од олтарниот простор со едноставен дрвен иконостас. На теренот не се забележани остатоци од стариот. Источниот ѕид, централно завршува со полукружна апсида со длабочина од 0,66м. и две плитки, лачно завршени ниши на местото на протезисот и ѓакониконот.
Црквата Свети Спас, со поглед од југоисток
Подот на црквата е од камени плочи набиени на земја. Црквата е живописана во ентериерот: во наосот на северниот, јужниот и западниот ѕид и во олтарниот простор. Вкупната квадратура на живописот изнесува 43.0 м2.. Техниката на живописувањето веројатно е фреско. За нејзиното осликување користени се светли тонови на сина , зелена, бела тонирана, во контраст со кармин, жолт окер и кафеава. Според податоците кои ги поседуваме покривот и сводот, како и целата црквичка на некој начин, пострадале во текот на Првата светска војна. Денешниот покрив е на две води од керамиди во комбинација со камени плочи од шкрилец кај апсидата и источниот раб на покривот. Црквичката е многу малку проучувана во минатото, но според сликарството се датира од крајот на XV и првите децении на XVI век.
Во олтарниот простор во долната зона претставена е евхаристичната сцена Поклонување на Агнецот – службата на Светите архиереи Свети Василие Велики и Свети Јован Златоуст. Сигнатурите и текстовите испишани се на црковноословенски. Над нив во конхата на апсидата претставена е Богородица од типот Ширшаја - Платитера и Исус Христос во медаљон. Во нишата од протезисот насликан е Свети Стефан првомаченик, а во нишата од ѓакониконот насликан е Свети Роман. Меѓу нив се старорозаветните пророци Давид, Свети Симеон Столпник.
Во долниот дел цоклето на источниот ѕид насликна е драпирана завеса во бела боја и кармин црвени и окер линии и ситни цветчиња. На северниот ѕид во олтарниот простор е сцената Визијата на Петар Александриски, каде се претставени малиот Христос како стои над правоаголна масичка прекриена со чаршаф, Петар Александриски со отворен свиток и наземи, еретикот Арие.
Забелешка. За Петар Александриски дознаваме од житиските текстови за месец ноември (25). Петар бил епископ во Александрија во 311 година, кога бил уапсен од римскиот цар Максимилијан и потоа погубен. Еден ден пред погубувањето имал визија во тек на богослужбата кога му се појавува Христос и му порачува да не го прима еретикот Арие во христијанската заедница, ниту да го причестува. Притоа според преданието Исус му го покажал хитонот кој му го искинал Арие. Арие бил предводник на аријанската ерест, која ќе биде укината во 325 година на Првиот екуменски собор во Никеја.
Поглед во ентериерот на црквата од влезот кон исток
Поглед во ентериерот на црквата од исток кон запад
Кон средината на 14 век претставата Визијата на Петар Александриски се приближува кон композицијата Служба на архиереите на Христос – Агнец. Таков е случајот во оваа црква и во охридското сликарство до 14 век (Богородица Заумска, Богородица Перивлепта, Митрополија –Мистра, Свети Никола во Мелник – Бугарија, Грачаница, Свети Никола во Варош, Свети Никола во Манастир и други. Практично оваа сцена започнува да се користи за украсување на храмовите уште од 12 от век. Кај сцената Визијата на Петар Алекснадриски во оваа црква карактеристично е што Петар држи отворен свиток, што не е случај кај останатите претстави во прикажувањето на оваа сцена, потоа Христос е претставен како лебдее над чесната трпеза заокружен во елиптична бела светлина, а Арие не е претставен со наведната глава, но како да е сведок на визијата на Петар.
Крст и криптограми на запад
Крст и криптограми на исток кај прозорецот на јужниот ѕид
Над оваа сцена, во втората зона е делумно сочуваната сцена на Христовото вознесение. На јужниот ѕид во олтарниот простор во долната зона претставени се Свети Спиридон и Свети Кирил Александриски. На јужниот ѕид во наосот кај првата зона е претставата Исус Христос цар и голем архиереј, со Богородица царица Параклиса (молбеница) од десната страна и Јован Претеча од левата страна. И двата се со отворени свитоци.
Забелешка. Приказот на Исус Христос цар и голем архиереј веднаш до олтарската преграда има свое значење (подготвеност да се принесе како евхаристична жртва и во сета своја слава). Во постарата литература оваа сцена е позната и како „Царски деизис“. Најстарата позната композиција од овој вид насликана е во севрната купола на нартексот од манастирската црква Успение на Богородица во Трескавец кај Прилеп околу 1340 година
Потоа доаѓа натписот под прозорецот со црковнословенски испишан текст. Во внатрешноста на ѕидовите од прозорецот од двете страни насликани со кармин црвена крстови и криптограми. Криптограмите имаат свое значење.
Во продолжение на јужниот ѕид во првата зона прикажан е Свети Пантелејмон и светите воини Свети Теодор Тирон и Стратилат. Воините не се облечени во своите вообичаени војнички облеки, туку во свечени велмошки облеки. Во втората зона сцените со сигурност не можеме да ги идентификуваме, но веројатно претставени се сцени од Големите Празници и Христовите страдања, како што се распознаваат сцените во вториот појас над светите воини - Лазаревото воскресение и првата сцена почнувајки од олтарната преграда која веројатно е Благовештение Богородичино.
На западната страна на југозапад во долната зона претставен е во цел раст Архнгелот Михаил.
Архангел Михаил, претстава на западниот ѕид
Фигурата на архангелот е диспропорционална во однос на димензијата на просторот. Насликан е со меч во десната и отворен свиток во левата рака во одлучен став и со развиорени крилја. За осликувањето користени се жолт окер, кафеава, сивосина, зелена, тонирана бела. Наспроти него на истиот ѕид кон северозапад во долната зона насликани се Свети Константин и Елена во цел раст со светиот крст – симболот на христијанската вера. Облечени во свечени царски одежди со круни на главите. Фигурите на Свети Константин и Света Елена сместени се во насликани арки во горниот дел со тонирана бела, додека фонот е со пастелна сивосина боја. Долните облеки насликани се со кармин црвена, а наметките со бела тонирана. Над врататата на западниот ѕид, во втората зона насликана е сцената Успение на Богородица. На десната страна кон Богородица се доближуваат група апостоли ставајки раце на одарот, а околу одарот понатаму опкружена е со другите апостоли, архиереи кои се присутни на настанот. На југозапад и северозапад од сцената насликани се во посебни полиња свети архиереи. На северниот ѕид од наосот во првата зона почнувајки од олтарната преграда претставени се Светите врачи Кузман и Дамјан, воинот Свети Ѓорѓија, воинот Свети Димитрие, потоа Свети Атанасие и Свети Никола. Светите насликани се во цел раст и во свечени велмошки одежди. Во втората зона иако делумно сочувани се распознаваат сцените од Христовиот живот Големите Празници. Почнувајки од олтарната преграда сцената Цветници или Влегување на Исус во градот Ерусалим, потоа сцената на Христовото Распетие и сцената Мироносници на Христовиот гроб. Забелешка. Сцената на Христовото распнување кое се одвива на брдото Голгота, отстапува од конвенционалното претставување. Дејствието кај оваа сцена се случува во едно поинакво, поведро опкружување со урбани архитектонски елементи насликани во заднината.
Сцената Исус Христос голем архиереј и цар и Богородица Параклиса молбеница
Сцената во протезисот Визијата на Петар Александриски
Натписот под прозорецот кај јужниот ѕид на наосот
Извонредната сликана декорација во црквата Свети Спас ги содржи тематските иновации Визијата на Петар Александриски и Исус Христос цар и Богородица царица што настапиле во XIII и XIV век што му даваат особен белег на последните векови на палеолошкиот византискиот стил.
Архитектурата и сликарството на црквата се во многу лоша состојба, со оштетувања од ризичен и критичен тип. Особено оштетувањата врз живописот придонеле во голема мера за неговиот целокупен дезинтегриран изглед.
Текст: Оливера Макриевска