Gratis Joomla Templates by Hostmonster Coupon

Свети Димитрие, село Градешница

Sv. Dimitrij s. Gradesnica

Веројатно името на селото Градешница проиэлегува од утврденото градиште, од кое средновековната селска населба е подградие. Во селото Градешница, постојат девет цркви.

sv-dimitrij-s-gradesnica-02
Село Градешница
Една од најстарите е црквата Свeти Димитрие, за која некои автори сметаат дека потекнува од XIV век или од XV век. Храмот посветен на свети Димитрие, за жал  многу малку е истражуван досега иако е издадено решение со статус на  споменично, недвижно, културно добро во 1992 година.
Во минатото екипата на Републички завод за заштита на спомениците на културата има извршено евиденција на спомениците на културата во мариовскиот крај,  кога е евидентиран и овој споменик на културта, но со основни податоци. Во тек на 2000-та година НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола има преземено одредени превентивни мерки што се однесуваат на архитектурата и фрескоживописот.
Фрескописот на црквата некои автори го  датираат од крајот на XIV и почетокот на XV век, но истражувањата на други автори дел од фрескоживописот и ѕиданиот иконостас го датираат во почетокот на 16 век. 

sv-dimitrij-s-gradesnica-03
Сепак нема да погрешиме доколку за  црквата Свети Димитрие ја потврдиме датацијата од XIV и XV век. Црквата Свети Димитрие се наоѓа на влезот во селото, покрај патот што води до селото.
Црквата  е од типот на еднобродна градба со правоаголна основа, со влез на западната страна и апсида на источната страна. Градена е од делкан и полуделкан камен кој е употребен и за  полукружниот свод. На влезот од западната страна во вдлабена ниша насликан е свети Димитрие, патронот на црквата. Фрескописот овде не е целосно сочуван. Во внатрешноста црквата била фрескоживописана врз подлога од варов малтер, скоро на целата површина (на источниот, западниот, северниот, јужниот ѕид, на сводот и на ѕиданиот иконостас.
Денес не се целосно зачувани фрескоживописаните површини, заради оштетувањата кои настанале врз градбата на црквата со тек на времето.
Мошне впечатлив е масивниот камен иконостас што го дели наосот од олтарниот простор. Во продолжение кај наосот поставени се мермерни столбови, по еден на северната и јужната страна во наосот. Преку столбовите и иконостасот изѕидани се по три слепи лаци, над кои се издигнува камениот свод.

sv-dimitrij-s-gradesnica-04

Изглед на наосот на  црквата кон исток

sv-dimitrij-s-gradesnica-05
 
Изглед на црквата кон запад

sv-dimitrij-s-gradesnica-06
 
Детал од капителот на мермерниот столб кон северниот ѕид од наосот 

sv-dimitrij-s-gradesnica-07   

Детал од натписот на запад над влезната врата

За фрескоживописот во наосот на црквата и на иконостасот некои автори соопштуваат дека евидентно се разликуваат од фрескоживописот во олтарната апсида и ѕиданиот иконостас го датираат во XVI век. Но, нашите констатации за кои постојат одредени показатели, сликарството  временски  го поместуваме уште поназад, односно во периодот кон крајот на XIII век. Можеби идните конзерваторско реставраторски истражувања со примена на други научни дисциплини ќе ни овозможат потврда за нашите претпоставки.

Заради непрегледноста од различна природа на фрескописот бевме оневозможени да дадеме подетални информации, за целосната иконографска програма. Според досегашните согледувања нашите размислувања одат во две насоки: дека фрескоживописот е од два различни временски периоди, каде фрескоживописот со постаро потекло е дело на  особено вешт и надарен зограф, но поверојатна е претпоставката дека фрескоживописот е дело на локална монашка енклава. Во периодот на фрескописувањето работеле покрај главниот мајстор и помошници, при што помошниците работеле во горните партии, а главниот мајстор кај првите зони во наосот, олтарниот простор и на иконостасот.  Забележани се и одредени преправки од типот на ретуширање од поново време, можеби и преправки од постар период. Како би ги потврдиле овие претпоставки потребно е да се направат дополнителни истражувања потпомогнати со други научни дисциплини.
Посебно место во црквата зазема  иконостасот. Иконостасот на црквата спаѓа во типот на изѕидани кои најрано се појавуваат во XIII век на териториите под византиска доминација. На територијата на Р. Македонија цркви со ѕидани иконостаси има неколку, а се појавуваат во XIV, XVI и XVII век, како црквата Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричино, црквата Свети Никола во Шопско Рударе, црквата Свети Атанасие во с. Слоештица демирхисарско.

sv-dimitrij-s-gradesnica-08
 
Изглед на ѕиданиот иконостас

Иконостасот во црквата  изѕидан е од полуделкан камен, споен со малтер и го преградува олтарниот простор по целата широчина на наосот. Централно поставен е влезот во олтарниот простор. Истиот во горниот дел лачно е засведен. Од северната страна постои влез што води кон протезисот, кој исто така во горниот дел лачно е засведен. Наместо насликани икони на дрво, иконостасот е украсен со фреско икони. Во долниот дел, односно цоклето насликана е драперија во посветли и потемни тонови на жолт окер, украсена со вегетабилен мотив насликан со црвена и црна боја. Завршетокот на драперијата насликан е со широка црвена трака. Над насликаната драперија на јужната страна на иконостасот насликана е допојасна претстава на Исус Христос Спасител, кој со десната рака благословува, а во левата држи отворено Евангелие. Исус Христос насликан е во темноцрвен хитон и белузлав химатион. До него е насликана допојасната претставата на светиот воин Димитрие. Свети Димитрие насликан е во војничка облека, во десната рака држи меч, а во левата краток нож. Главата на свети Димитрие украсена е со свечена дијадема украсена со скапоцени камења - бисери. Од левата страна  на воинот насликан е штит со кружна форма. Штитот е насликан во виолетово црвени тонови, а декориран е со вегетабилни орнаменти и еден антропомотфен детал. Облеката, односно наметката е насликана со зеленомаслинеста боја, а за туниката употребена е црвена, додека  панцирот насликан е со сивкаст тон. Кон северната страна од централниот влез во олтарниот простор во ниша насликана е највпечатливата претстава на Богородица од типот Елеуса или Богородица Милостива. Богородица го држи малиот Исус во своите прегратки, милувајки го со својот образ. Насликана е мошне емотивно изразувајки ги човековите особини. Богородица е насликана во раскошен мафорион во темен кармин обрабен со жолто црвенкаст тон на  окер, додека малиот Исус насликан е во краток хитон во тонови на жолт окер. На крајната северна страна до влезот на протезисот насликана е допојасната претстава на свети Никола во бел полиставрион украсен со црни крстови и омофор со насликани црвени крстови. Светителот држи затворено Евангелие во левата рака, кое е насликано со црвен окер и украсено со бисери, а  со десната рака, која е фрагментарно сочувана благословува. Претставените светители распоредени на местото од престолните икони сместени се во обрабени рамки во вид на лента со ширина од 4см. од двете страни потенцирана со тенка бела линија. Претставата на свети Никола сместена е во правоаголна насликана рамка, а останатите се во форма на арки во горниот дел или со изглед на полукружни ниши, со исклучок на претставата Богородица Елеуса која иако е насликана во изведена ниша, истата дополнително е потенцирана со црвена бордура во вид на трака. Оваа претстава е потенцирана со уште еден вид декорација со цик –цак насликани ленти кои ја пратат формата на нишата. Во лунетата над претставата на Богородица испишан е криптограмски текст. Фонот кај насликаните претстави е со светла сивосина боја, додека кај Богородица  во горниот дел е светла сивосина боја, а во долниот зелена со среден тоналитет. Нимбусите на светителите насликни се со жолт окер и потенцирани со тенки бели линии. Ликовите се насликани слоевито со жолт окер во градирани тонови, зелени сенки и белузлави акценти. Сигнатурите се испишани со бела боја на византиски јазик.
На архитравот кој се протега по целата должина на иконостасот во правоаголно поле ограничено со црвени ленти (горе и долу) насликани се допојасните претстави на дванаесете апостоли. Над главите на апостолите одделен со бордура постои натпис кој се протега по целта должина на иконостасот. Централно насликани се апостолите Петар и Павле. Зад Петар насликани се апостолите Лука, Марко, Андреа, Вартломеј и Јаков, додека зад Павле насликани се Матеј, Јован, Тома, Симон и Филип. Од страната на Петар, апостолите држат Евангелија, а од страната на апостол Павле држат затворени свитоци.
sv-dimitrij-s-gradesnica-09
Детали од ѕиданиот иконостас, Богородица Елеуса и свети Димитрие

Во олтарниот простор во првата зона  на источниот ѕид прикажана е композицијата  Поклонување на светите отци - архиереји на Агнецот, чија локација е детерминирана со црковните канони и начинот на кој треба да се претставени во олтарот. Централно претставен е малиот Исус  на чесна трпеза полулегнат, а со десната рака благословува. Зад него има насликана архитектура (црква и други објекти), од левата и десната страна поставени се по еден  Ангел, во бели ѓаконски облеки и во рацете држат по една рипида која на врвот завршува со осумкрака ѕвезда. Осумкраката ѕвезда во христијанството ги симболизира осумтте еони на Христовата слава. Од десната страна претставен е свети Василие, со бел полиставрион со црни крстови, а врз омофорот насликани се темноцрвени крстови. Од левата страна свети Јован Златоуст и свети Атанасие Александриски со исто осликани полиставриони, само омофорот на Атанасие Александриски е насликан со црни крстови. Свитоците што ги држат архиереите испишани се на црковнословенски јазик. Оваа композиција е единствена и ретка заради прусуството на Ангелите Господови со осумкраките ѕвезди и архитектонските детали, што претставува реткост во приказот на оваа композиција. Ваква слична претстава  среќаваме во олтарниот простор на  црквата Богородица Пречиста во село Граешница битолско, датирана во почетокот на XV век.
sv-dimitrij-s-gradesnica-10
Поклонување на Агнецот- апсида на источниот ѕид

Во црквата Свети Димитрие констатирани се црковнословенски натписи кај композицијата Поклонение на Агнецот, додека кај други композиции – во олтарот, наосот на црквата среќаваме натписи на грчки јазик кои се прифатени како епитети и карактеристични грчки именувања усвоени во христијанската екумена, како примерот со Христос Емануил во претставата на Богородица Знамение. Понатаму, во првата зона во нишата на протезисот насликан е свети Стефан Првомаченик во бела одежда.
Над оваа композиција   во полукалотата на апсидата насликана е допојасната фронтална претстава на Богородица со темноцрвен мафорион на чии гради во круг во форма на клипеус насликан е Христос Емануил со црвен хитон и жолт окер химатион. Над рамењата на Богородица во висина на главата, насликани се со интензивна црвена боја кружни медаљони обрабени со лента во жолт окер. Во внатрешноста на медаљоните испишани се со бела боја сигнатурите што значат Мајка Божја. Иконографскиот тип на Богородица Знамение е варијанта на Ширшаја со молитвено издигнати раце. Оваа претстава е работена према текстот на пророкот Исаија, според кој Богородица се претставува како отелотворение на црквата ¬–Eclesiae Mater. Овој иконографски тип на Богородица е значаен тематско –хронолошки показател бидејки во пошироката сфера на византиската уметност е присутен во постарата уметност. Во Македонија и пошироко овој иконографски тип во XIII век започнува да се заменува со друг иконографски тип наречен Оранта. Над претставата на Богородица Знамение се среќаваме со уште два значајни моменти во иконографската програма на авторот на живописот во олтарниот простор. Веднаш над конхата насликан е Христовиот лик на бел убрус. Иконографскиот тип е Неракотворен образ, кој уште се нарекува византиски тип, и салватор тип. Овој тип води потекло уште од почетоците на црковните христолошки расправии за прикажувањето на правиот Христов лик, при што црквата прифатила два типа. Еден од нив е таканаречениот Неракотворен образ, односно дека ликот не е насликан од човечка рака, туку е директен отисок на Христовиот лик. Приказната потекнува од IV век по Евсевие, кога разболениот кнез Авгар побарал помош од Спасителот. Обидувајки се да му помогне бидејки бил спречен лично да дојде, му го испратил својот отисок од лицето на платно. Кнезот Авгар кога го допрел овој лик, веднаш оздравел. После ова, овој убрус како драгоцена светиња бил пренесен под името Манделион во Цариград. Кај иконографскиот тип на ликот (отисокот) на Христос во црквата Свети Димитрие претставен е со смирена хиератичност, величенствен без трновиот венец и е во согласност со византискиот иконографски тип. Над оваа претстава се наоѓа мошне ретка иконографска претстава на Отецот Бог. За осликувањето на овој тип обично се користела предлошката на Христовиот лик, но како и кај нашиот лик косата и брадата се насликани со белузлава боја за да се прикажи страосната дистанца на Таткото Бог и Синот Божји. Сфаќањето на Отецот Бог  кај претствата во олтарниот простор на црквата Свети Димитрие  е во согласност со визијата од типот“ Vethi denmi“ или Старецот на деновите кој се опишува кај пророкот Данаил, глава 7, 9. Тој го опишува како старец  кој седи, облеката му е бела како снег, а косата како волна, а престолот како пламен огнен. Претставата во црквата Свети Димитрие е приближна во сликовниот запис. Отецот Бог е претставен како благословува со двете раце, облеката е насликана со бела боја, драпирањата се изведени со лазурна кафеавооцрвенкаста и лазурна светлозелена боја. Косата и брадата  се осликани со бела, а за потенцирање на прамените употребена е светло кафеава и жолт окер. Ореолот е насликан со жолт окер и во внатрешноста  насликани се три (два странично и една над темето) розети со осум ливчиња. Обично на површината во внатрешноста на ореолот се слика осмокрака ѕвезда, но кај оваа претстава имаме отстапување заради осликувањето на три розети што личат на ѕвезди со осум ливчиња кои треба да ги претставуваат осумте краци на ѕвездата. Осумте краци  ги означуваат осумте еони на идната слава. Старецот на деновите е претставен како да лебдее во двојна елиптична мандорла осликана со бела боја, која ја претставува божествената светлина. Мандорлата е носена од два серафими, претставници на  највисокиот небесен хиерархиски ред на ангели. Серафимите се осликани со жолт окер, а со кафеава насликани се крилјата и дефинирани се ликовите.
 sv-dimitrij-s-gradesnica-11
Олтарен простор - претставата Богородица Знамение во полукалотата на апсидата

sv-dimitrij-s-gradesnica-12

Олтарен простор со претставите Старецот на деновите (горен дел) и Неракотворен образ (долен дел)
Фрескоживописот во наосот на црквата кој веројатно датира од ист период како фрескоживописот на ѕиданиот иконастас  е во многу лоша состојба. Зачуваните живописани површини краткорочно се заштитени со опшивки кои ќе го спречат нивното отпаѓање. Многу од употребените пигменти за осликувањето се деградирани, променети и заради тоа нивната идентификација не е високопроцентно оценета. Сцените се врамени со насликани црвени ленти обрабени со бели линии, заднината со сивосин тон, а сигнатурите се испишани со бела боја на византиски јазик.

Кај западниот ѕид над влезната врата зачуван е минимален фрагмент со натпис каде веројатно била испишана годината на живописување, како и податоци за ктиторот и авторот. На западниот ѕид  во првата зона кон југ насликани се две светителки во цел раст од кои едната е света Параскева - Петка, а другата светителка не може да се идентификува, но ќе ги наведеме како можни фигурите на света Теодора, Марина или света Недела. Во продолжение кон север, во првата зона во цел раст претставен е светиот воин Прокопие. Света Петка носи наметка со кафеаво црвена боја, а сенките се изведени со темна кармин црвена измешана со црна, а во десната рака цврсто го држи крстот. За осликувањето на воинот употребена е жолт окер за панцирот, светло сива за туниката и кармин црвена за наметката.
На северниот ѕид во првата зона во продолжение на светиот воин Прокопие насликани се другите свети воини, свети Димитрие и свети Ѓорѓи. Облечени се во војничка панцирна облека со нивните атрибути во десната рака. Свети Димитрие со меч, свети Ѓорѓи со копје и штит. За нивното осликување употребени се тонови на жолт окер за панцирите, светло сиви за туниките, а за наметките   кармин црвена. Нимбусите се осликани со интензивен жолт окер потенциран со тенка бела линија. Во продолжение на првата зона на северниот ѕид претставени се светите Врачи Кузман и Дамјан во цел раст. Свети Кузман со десната рака благословува, а во левата рака држи веројатно исцелителска кутија, а облеката е  изведена со кафеави тонови. Свети Дамјан во десната рака држи исцелителски инструмент, а во левата  исцелителска кутија, додека долната облека е изведена со светло кафеав тон, а химатионот е насликан со светлоцрвена боја. На крај е претставена фигурата во цел раст на Свети Никола кој со десната рака благословува, а во левата држи отворено Евангелие. Свети Никола е насликан во бел полиставрион украсен со црвени крстови, а омофорот е со црни крстови. Генерално гледано за осликувањето авторот користел претежно топли бои наспроти заднината која е осликана со сивосина боја, а на некои места е зелена. Нимбусите на светителите се со интензивен жолт окер, а сигнатурите со бела боја.

sv-dimitrij-s-gradesnica-13
   
Дел од фрескоживописот на северниот ѕид од наосот, лево светиот воин Димитрие, десно светиот воин Ѓорѓи

sv-dimitrij-s-gradesnica-14

Светите Бесребреници Кузман и Дамјан на северниот ѕид од наосот

sv-dimitrij-s-gradesnica-15

Претстава на света Петка на западниот ѕид од наосот
                       
Над влезната врата на западниот ѕид во наосот – втора зона насликана е сцената Успение на Богородица. Богородица лежи на посмртниот одар насликан со црвена боја и обиколка од бела драперија, а пред него поставени се два свеќници. Свечениот чин на Богородичиното Успение е прикажано со помал број на свети архиери и апостоли заради ограниченоста на просторот. Доминираат боите на кармин црвена, белата и окер жолтите тонови, додека полиставрионите на архиереите насликани се со црвени крстови. На север и на југ, сцената е фланкирана со фигури на неидентификувани светители во цел раст со облека насликана во тонови на жолт окер. Вертикално во продолжение, во третата зона прикажани се подпојасните претстави на свети маченици. На северниот ѕид од наосот во втората зона  кај плитката ниша кон запад е претставата на Евангелистот Марко, а кај нишата кон исток Евангелистот Матеј. Од внатрешната страна на лакот кон запад преставени се свети Јован Крстител и пророкот Соломон, додека кај лакот кон исток нема сочуван фрескоживопис.
 
sv-dimitrij-s-gradesnica-16 
Композицијата Успение на Пресвета Богородица во втората зона на западниот ѕид од наосот

На јужниот  ѕид од наосот во првата зона почнувајки од исток кон запад насликана е фигурата во цел раст на Архангел  Михаил со меч во десната рака. За жал овде живописот е делумно сочуван. Сочуваниот фрескоживопис се одликува со прекрасно ускладен колорит од зелена, црвена, сива и кафеава, како и прецизна обработка на деталите од облеката и крилјата на архангелот. Во продолжение  е претставата на светител кој неможеме да го идентификуваме заради фрагментарните остатоци.
sv-dimitrij-s-gradesnica-17
Архангел Михаил кај јужниот ѕид од наосот, прва зона

sv-dimitrij-s-gradesnica-18

Свети Никола северниот ѕид од наосот, прва зона

Понатаму на јужниот ѕид во првата зона во полукружна ниша на сивосина заднина насликана е композицијата наречена Деизис каде фигурите на Исус Христос, Богородица и свети Јован Претеча насликани се во цел раст. Во средината фронтално насликан е Исус Христос Пантократор,  со десната рака благословува, а во левата држи затворено Евангелие. Од Христовата десна страна претставена е полупрофилно Пресвета  Богородица со двете раце молително упатени кон Христа. Од левата страна претставен е свети Јован Претеча истотака полупрофилно претставен и со двете раце молително упатени кон Христа. За осликувањето на облеките користени се ограничен број на бои, како кафеаво црвенкаста за мафорионот на Богородица и хитонот на Христос, сива за химатионот на Христос, а облеката на Јован Претеча е осликана со измешани тонови на сива и кафеава. Можеби заради нетранспарентноста и оштетувањата настанати на боениот слој неможе да се направи прецизна идентификација на употребените бои. Нашата претпоставка е дека можеби и во одреден период вршени се одредени преправки односно надсликувања над одеждите на светителите. Инаку оваа композиција спаѓа меѓу најрепрезентативните претстави, чија тема е преземена од Псалмот 45.10., само што оваа варијанта не е така раскошно прикажана.

sv-dimitrij-s-gradesnica-19
 
Композицијата Деизис на јужниот ѕид во наосот

Во втората зона над композицијата Деизис, исто во широко лачна плитка ниша е претставата на Евангелистот Јован, како седи на полукружен стол и го пишува Евангелието, вдахновен од ангелот. Столот на кој седи насликан е со интензивна окер жолта боја, богато декориран со бела, црвена и црна боја.  Во иста таква ниша во продолжение кон исток фрагментарно зачувана е претставата на Евангелистот Лука. Од внатрешна страна на површината на лакот кон исток насликани се пророци, кои неможе да се идентификуваат. Од внатрешната страна на лакот кон запад, насликани се : од страната кон исток претставен е пророкот Давид, а од страната кон запад зачувана е претстава на старозаветен пророк кој неможе да се идентификува.
 Кај третата зона на наосот претставени се композициите од Христовите Празници и страдања.

sv-dimitrij-s-gradesnica-20

Детал од композицијата Раѓањето Христово на јужниот ѕид од наосот

sv-dimitrij-s-gradesnica-21
     
Детал од композицијата Воскреснувањето на Лазар на јужниот ѕид од наосот

sv-dimitrij-s-gradesnica-22

Детал од претставата на Евангелистот Јован во нишата на јужниот ѕид од наосот

На северниот ѕид од запад кон исток, прва веројатно е сцената Исус Христос пред Понтиј Пилат, до неа е малку сочуваната композиција на  Христовото Распетие, но сочувана е последната сцена Слегување во Адот. На јужниот ѕид од запад кон исток, прва е композицијата Раѓањето Христово, до неа  Покрстувањето Христово, а на крај Воскресението на Лазар.
Колоритот за осликување на фигурите, пејсажите и архитектурата е комбинација од топли бои во повеќе тонови и меѓутонови, додека за заднината се користени ладни бои претежно сивосини тонови со што се добива впечаток на хармоничен изглед, заради правилното дозирање на интензитетот. Деловите од телото ликовите рацете нозете, насликани се на подлога со варијации на  жолт окер, бледозелени сенки, кафеави контури за потенцирање на очите, веѓите, носот и сл., бели акценти за потенцирање на осветлените површини. Само кај претставата Богородица Знамение, кај ликот на Богородица и Христос минимално е употребена црвена боја на површините кај образите. Косите на светителите, ангелите насликани се претежно со кафеава боја, а прамените, кадрите дефинирани се со жолт окер.
Фрескоживописот во црквата Свети Димитрие со своите особености го карактеризираме како доцнокомненски, во периодот под власта на палеолозите. Постоењето на црковнословенски натписи во спомениците со религиозно ѕидно сликарство во средновековна Македонија се забележува дури во почетокот на XIV век. Спомениците во склоп на диецезата на Охридската архиепископија под византиска власт претежно се со византиски натписи, но иако малку на број евидентирани се и споменици со словенски натписи, како црквата Свети Архангел во с.Варош Прилеп, Свети Никола во Манастир во прилепскиот дел од Мариово, Света Богородица Перивлепта во Охрид, Света Богородица во с. Требино, кои може да се  поврзат со одредени фази во нивното градење или осликување со црквата Свети Димитрие. Сочуваните словенски натписи во црквата Свети Димитрие во Градешница доминантни се во олтарниот простор,  а византиските во наосот на црквата. Според анализите ракописот на испишаните натписи се направени од иста зографска рака. Можеби периодот кога е фрескоживописана црквата Свети Димитрие била во рамките на македонските или српските средновековните држави каде словенскиот јазик имал предност над византискиот, потоа близината на манастирските средишта во кои се негувал словенскиот јазиксе резултат на словенските натписи во црквата Свети Димитрие во Градешница. Остануваат повеќе отворени прашања и размислувања за идните истражувачи на ова ѕидно сликарство, но се надеваме дека со нашите истражувања дадовме доволен придонес.
Навистина е тажна состојбата на овој прекрасен фрескоживопис, за кој се надеваме дека во најскоро време ќе бидат преземени соодветни мерки за негово зачувување како сведоштво на едно средновековно религиозно сликарство од нашето минато. Неговата особеност – архитектонското решение, ѕиданиот иконостас, ретките иконографски фреско композиции и на крај неговата старост не задолжува да се однесуваме со посебен пиетет  кон неговото траење.  

sv-dimitrij-s-gradesnica-23

Богородица Знамение Theotokos

sv-dimitrij-s-gradesnica-24
 
Ангелот Господов

 

Текст: Оливера Макриевска

НУ Завод и Музеј Битола

made with love from Joomla.it

Мапа на цркви и манастири

made with love from Joomla.it