Село Будимирци
На надморска висина од 857м од десна страна на Црна Река се наоѓа селото Будимирци кое е типично ридско-планинско село.
До селото се стигнува по патот за Новаци, преку селата Маково и Рапеш.
Самото име води потекло од древното сесловенско име Будимир (“буди” + “мир”) што во буквален превод би дошло “будење во мир” или “да се биде во мир”.
Атарот на селото се издига до сртот на планината Ниџе, а со еден тесен дел се допира со државната граница со Република Грција. Селото е мошне големо и зафаќа површина од 40,1 км2.
Низ селото поминува реката Белица, која е образувана со спојување на Бела Река и Трновица. Водата во Бела Река е исклучително чиста и богата со автохтона речна пастрмка-Salmo truta fario.
Како резултат на големите миграциони процеси што го зафатиле целото Мариово, така и селото Будимирци со пописот во 2002 година брои само околу 30-тина жители.
Во селото се наоѓа храм на Свети Великомаченик Николај Мириклиски Чудотворец, кој бил подигнат во 1875-1878 година, а по Втората светска војна повторно бил обновен.
Наспроти селото Будимирци, во подножјето на Кајмакчалан, се наоѓа некогашното село Трново. Во ова село се наоѓа храм на Свети Великомаченик Димитриј, кој во минатото бил познат како Трнов Манастир.
Како селска слава што народот ја празнувал во ова Мариовско село, Будимирци, е славата на Преподобна Параскева (Петковден) на 27 Октомври.
ЖИВА ИСТОРИЈА ЖИВА ПРИРОДА
Брник, Будимирци, Градешница
ИЗРАБОТИЛ: Марија Ѓеорѓиева
Прилеп 2014